Дамата која ги сруши стереотипите : Зошто да нема жени тренери во машкиот ракомет

Во годината во која Вардар по втор пат триумфира во Лигата на шампионите, Билјана Црвенковска стана првата жена асистент на машка екипа. Во разговор за Слободен печат, таа открива како беше прифатена од ракометарите, какви беа реакциите во машкиот ракометен свет, како беше да биде жена во машкиот ракомет…

Најубавата ракометна бајка во Македонија но и во Европа сигурно беше походот на Вардар во освојувањето на ракометниот Мон Блан. Растргнати помеѓу финансиските проблеми со кои се соочуваше Вардар во текот на минатата сезона, со борбата со многуте повреди кога најмалку требаша пред настапот во Келн, и амбициите да се победат сите предизвици, ракометарите го направија речиси невозможно. Беа посилни од се, и на крајот да триумфираат во Келн.

Помеѓу имињата на Стоилов, Чупиќ, Дибиров, Криштопанс, Милосављев, Рожерио, Роберто Гарсија Парондо и останатите ракометари, се наоѓа и името на Билјана Црвенкоска.

Дамата која по успешната играчка кариера, заплива во тренерските води и веднаш стана единствена во светот. Црвенкоска во минатата сезона му беше асистент на тренерот  Роберто Гарсија Парондо и стана првата дама во ракометот која е втор тренер на машка екипа, и тоа не било која, туку најдобрата во Европа.

– Јас сум првиот пример во светот во машкиот ракомет кој бил помошник тренер. На почетокот со стручниот штаб жените беа физиотерапевти. Зашто да нема жени тренери во машкиот ракомет, правилата се исти за сите – вели Билјана Црвенкоска која вели дека таа не се чуваствуваше како дама во машкиот свет, туку како дел од тимот.

– Јас не се чувствував како жена, дама, туку како дел од тимот, дел од екипата. Целиот професионален ангажман во ракометот сум имала тренери-мажи и затоа не се чувствував како жена во машки тим, туку се доживував како дел од тимот, како тренер.  Јас бев дел Вардар веќе четири години, и како заменик директор на клубот патував секаде со нив. Не бев некое ново лице кое што требаше да се запознава со ракометарите, бидејќи соработував со нив на поинаков начин и кога станав асистент на Парондо, навистина ме пречекаа како пријател. Не бев нова во непозната средина туку во иста средина само со друга функција.

Иако за „очите“ кои не беа дел од Вардар, изгледаше малку чудно тоа жена да биде тренер во машкиот ракомет, Биле вели дека воопшто немаше никаков проблем. Иако тренираше ракометни ѕвезди кои добар дел од нив беа европски шампиони, а потоа сите повторно во Келн се радуваа на нова титула, воопшто не наиде на некаков отпор. За време на СП во Данска и Германија, кога поголемиот дел од ракометарите беа со своите репрезентации, а Парондо ја предводеше Македонија, Биле ја имаше улогата на тренер на тие што останаа во Скопје.

– Без навреда кон женскиот ракомет, но мислам дека машкиот ракомет е поубав за гледање, бидејќи е погруб во очите на фановите и тоа е посвојствено кај мажите, меѓутоа не наидов на ниоту една пречка. Тие се професионалци и можам да кажам немав проблеми. Во јануари имав можост да ги тренирам и првотимците како Скубе, Криштопанс, Дисингер, Чупиќ, Недановски, Војводиќ. Јас им држев тренинзи во текот на целиот месец и немавме никаков проблем. Тие се професионалци, не ги интересира дали ги тренира жена или маж, дадената задача ќе ја завршат максимално професионално. Знаат дека бев во консултација со тренерот Роберто Гарсија Парондо и дека тренинзите беа координирани помеѓу нас двајца.

Историскиот момент во машкиот ракомет се случи во октомври 2018 година, кога Црвенкоска на гостувањето кај Брест Мешков во рамките на СЕХА лигата, ја предводеше екипата на Вардар на еден официјален меѓународен натпревар.

– Да се сеќавам дека тоа беше во октомври. Најискусните ракометари останаа во Скопје. Против Брест Мешков настапивме со неколку ракометари од првиот тим кои имаа помала минутажа и со дел од ракометарите на Вардар јуниор. На крајот загубивме, што беше очекувано, но и со таков тим се држевме повеќе од 20-тина минути – вели секогаш насмеаната Биле.

Нормално, поставувањето на жена за асистент на машка екипа, не е вест само во домашните медиуми медиуми, туку е вест и за ракометна Европа.  Со водењето на Вардар против Брест Мешков и ракометот се приклучи на фудбалот и на НБА, во прв ред кои веќе направија револуција со имплементација на жените во стручните штабови. Очекувано поддршка дојде и од ракометниот свет.

– Речиси сите екипи со кои играше Вардар минатата сезона беа изненадени од податокот дека бев јас му бев помошник на Парондо и добив голема подршка од сите екипи. Речиси секаде ги слушав зборовите „Браво, Билјана“, „Честито“. Беа изненадени, меѓутоа не беше ништо чудно. Малку е познат податокот дека жени тренираат мажи, туку е обратно. Полека таа граница или стереотип полека почнува да се менува и се надевам дека во најскоро време многу повеќе жени ќе гледаме во машките екипи, кои не би биле само масери –  вели секогаш насмеаната Црвенкоска која се надева дека нејзиниот пример ќе ги охрабри и останатите екипи да вклучат жени-тренери во иднина бидејќи редовни беа прашањата на таа тема минатата сезона.

По освојувањето на втората европска титула, со доаѓањето на новиот стручен штаб во Вардат, таа се враќа на женскиот ракомет, заедно со Драгана Ристова (Пецевска во играчките денови) го водат женскиот тим на Вардар. Сепак, амбициите на Црвенкоска се поголеми.

– Во природа сум амбициозна, сакам да одам само напред, да се надградувам. Во моментов се чувствувам подготвена да бидам главен тренер или на машка или на женска екипа.  Искуството кои го стекнав е премногу вредно за мене и се надевам дека ќе имам шанса да тренирам екипа која ќе игра во Лигата на шампионите, без разлика дали е машка или женска.

Очекувано разговорот со поранешниот капитен на женската репрезентација не може да помине без прашања женскиот ракомет во Македонија кој, за жал, доживува пад. Последниот настап на едно големо натгпреварување на кое ракометарките учествуваа беше ЕП 2012 година кое се одржа во Србија, а Црвенкоска беше дел од репрезентацијата. Оттогаш, Македонија е амо набљудувач на големите настани.

– Морам да признаам дека во Македонија не сме имале клупски ракомет на многу високо ниво. Сме имале едно ниво но не доволно високо за да може неколку екипи да се натпреваруваат во европските купови.  Ние сме таа генерација која ја заврши фазата со играње на ЕП или СП. Мојата генерација беше дел од младинскиот тим на Кометал каде што растевме заедно со екипата која потоа стана и европски шампион. Кога завршивме со настапите за репрезентацијата, веќе немаше друга екипа каде што младинците или младинките можеа да учат и да растат со повозрасните ракометарки. Тоа е главната причина за падот на женскиот ракоимет. Потоа полека почна Вардар  да се крева, и од тука почнаа да излегуваат добри и талентирани ракометарки. Тука е и Металург кој исто е клуб кој добро работи со младите категории. Меѓутоа овие два клуба не беа доволни бидејќи поради разно-разните проблеми не можеа да им овозможат на младите ракометарки доволно квалитетни натпревари во европските купови за да може да стекнат искуство. Сите знаеме дека без натпревари не можеш да созреваш како играч – размислува Црвенковска која сепак гледа светло на крајот од тунелот.

– Имаме талентирани млади ракометартки. Одамна немам видено толку квалитетна млада генерација како таа на Вардар од 2002/03. Имаме таленти но потребна  емногу голема работа со нив и натпревари, натпревари… Дека има иднина во Макеоднија има.

Повторно се враќаме на темата за мажите, овој пат фокусто е на машката ракометна репрезентација која традиционално секогаш прва во годината започнува со настапите на меѓународен план. Поранешниот капитен на репрезентацијата смета дека ракометарите имаат сосема изгледни шанси на ЕП кое започнува на 10 јануари иако групата со Австрија, Чешка и Украина е тешка.

– Не сакам да навредам никого, но мислам дека поминување во следната фаза ќе биде голем успех и мислам дека на тоа треба да се надеваме бидејќи реално имаме подмладување на репрезентацијата. Имаме 7-8 константни ракометари во репрезентацијата но тие се веќе во години и не знам колку можат да го издржат темпото кое од година во година е се потешко. Затоа потребни ни се младите. Се ќе зависи од младите – вели Црвенкоска.

На крајот, таа открива дека не може без спортот и во приватниот живот.
– Хоби како хоби немам, но затоа станав рекреативец, бидејќи долги години не тренирав откако ја завршив кариерата и тоа е лошо за секој спортист. Не е добро ни како пример за ракометарките кои ги тренираме, но ниту за нас како поранешни спортисти. Затоа почнав да одам во теретана и тоа ми е најновото хоби.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот