Дали и дивоградбите во Охрид ќе останат под заштита? – Слободен печат
ВестиВи ПрепорачувамеМакедонија

Дали и дивоградбите во Охрид ќе останат под заштита?

До 20 февруари во Охрид треба да бидат исполнети низа препораки од Комитетот за културно наследство, меѓу другото, да се урнат сите дивоградби во заштитениот појас и да се доврши колекторскиот систем за отпадни води.

Или до 20 февруари ќе се урнат 400 дивоградби во заштитениот појас околу Охридското Езеро, или Охрид ќе го изгуби статусот на културно и природно наследство под заштита на УНЕСКО, односно од светската престижна листа ќе се најде на црната листа на загрозени подрачја. Ова е резултатот од 43. сесија на Комитетот за културно наследство што се одржа минатата седмица во Баку, Азејберџан, на која македонската делегација излобира дополнително време за да ги исполни препораките што Македонија ги доби уште во април 2017 година од мониторинг-мисијата на УНЕСКО.

Помош од државата

Битката е добиена, а допрва треба да се добие војната, порача заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, кој беше дел од македонската делегација во Баку. Тој најави дека централната власт ќе ѝ помогне на општината во справувањето со дивоградбите.

– Успеавме! Охрид останува под закрилата на УНЕСКО, делегацијата лавовски се бореше при лобирањето. Ако уште од утре, буквално од утре, сите чинители во државата не преземеме конкретни и одлучни чекори за заштита на Охрид, тогаш не го ни заслужуваме. Сосема е јасно дека во оваа битка локалната самоуправа мора да добие поддршка од централната власт. И ќе ја добие! Сите ние мора да покажеме зрелост при соочување со фактот дека состојбата во Охридскиот регион е критична и дека бара итен и сеопфатен ангажман. Ќе биде недозволиво ако по извесно време констатираме дека светот се грижи многу повеќе за нашиот Охрид отколку ние самите – порача Жерновски.
Тој е убеден дека ќе биде вистински предизвик да се справат со 400 дивоградби во загрозеното подрачје.

– Знам дека оваа битка не е лесна, јас бев градоначалник и знам дека станува збор за многу интереси, но сега е време да се убеди УНЕСКО и светот дека навистина ја имаме истата желба, без разлика на тоа кому му припаѓаат овие бесправни конструкции и кој стои зад нив – изјави Жерновски за ТВ21.

Министерот за дијаспора Едмонд Адеми најави дека борбата за зачувување на статусот на Охрид ќе биде бескомпромисна.

– Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО е силен ветер во грб и поддршка за Владата, општините и за сите надлежни институции да ги спроведат останатите препораки. Време е за заедничко и координирано делување. Простор за компромиси по ова прашање, нема. Комитетот ги прифати аргументите и го препозна прогресот на оваа Влада во изминативе две години – порача Адеми.

Град од 1.076 дивоградби

Реактивната мисија на УНЕСКО во 2017 година по инспектирањето на Охридскиот регион даде 19 барања, од кои досега само три се целосно исполнети. Потребно е, меѓу другото, да се урнат дивоградбите, да се изгради колекторскиот систем за фекални води, да се воведе мораториум на секакви урбани трансформации на брегот на езерото и да се изработи детална анализа за состојбите во регионот.

Општина Охрид минатиот месец извести дека пребројала 1.076 дивоградби на својата територија, изградени во периодот од 2006 до мај 2019 година, од кои дури 409 се во заштитниот појас, односно на езерското крајбрежје, во потегот на Националниот парк „Галичица“ и во стариот дел на градот. Фрапантно, но 80 од овие 409 дивоградби се апартмани, сместувачки капацитети и куќи.

„Согласно со препораките од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, локалната самоуправа изработи посебен регистар на нелегални градби за подрачјето на Општина Охрид. Во оваа електронска база на податоци се внесени 1.076 предмети за кои инспекциските служби имаат констатирано прекршувања на Законот за градење и имаат донесено некаков акт со кој се утврдува нелегална градба. Од нив 409 се во заштитниот појас – 82 предмети се однесуваат на урбана опрема, 16 се за времени објекти, 8 за плажи, 80 за куќи, апартмани и сместувачки капацитети, а останатите се за помали интервенции и градежни зафати на објекти“, соопштија од Општината. Оттаму најавија дека следува проверка и финално уредување на регистарот на дивоградби, по што ќе вршат поединечна ревизија за секој предмет и ќе се носат одлуки за понатамошно постапување.

Охрид е под заштита на УНЕСКО веќе 40 години. Во февруари на следната 44. сесија Комитетот за културно наследство ќе го разгледа напредокот и ќе донесе одлука за натамошниот статус на градот.

Во Баку беше и градоначалникот Костадин Георгиевски, кој деновиве треба да објасни на кој начин ќе ги исполни препораките од УНЕСКО.

Заштитена и албанската страна на езерото

Комитетот за културно наследство на УНЕСКО донесе одлука дека Охридскиот регион на Албанија е продолжение на македонската страна на Охридското Езеро, која се наоѓа на листата од 1979 година. Советодавните тела на Комитетот им наложија институциите на Македонија и на Албанија да соработуваат во заштитата на Охридското Езеро.

„Со ова проширување на заштитата, локацијата сега ги и опфаќа северозападниот, албански дел од езерото, малиот полуостров Лин и појасот во должина на крајбрежјето што го поврзува со македонската граница. На полуостровот се наоѓаат остатоци од ранохристијанска црква изградена во средината на шестиот век, а во плитките води на езерото има присуство на остатоци од праисториски живеалишта. Неверојатен природен феномен, езерото е дом на голем број ендемски видови флора и фауна, кои датираат од терцијарот“, се вели во одлуката на УНЕСКО.

НВО: Подобро Охрид да го загубеше статусот

Невладините организации од Охрид сметаат дека е донесена политичка одлука, која е нереална во однос на состојбата во Охридско и дека подобро ќе било регионот да го изгубел статусот. Од Охрид СОС соопштија дека делегатите од Бразил, Кина, Унгарија и од Босна и Херцеговина избришале цел параграф од извештаите во кој се наведува дека „заштитеното добро и понатаму се соочува сo несоодветен инфраструктурен развој, прекумерен урбан развој и искористување на крајбрежјето, зголемено загадување, уништување и фрагментација на живеалиштата, значителен притисок од туризмот, распространет и неконтролиран урбан развој и несоодветна експлоатација на крајбрежната зона, што претставува закана по природните и културните вредности на доброто“.

– Впишувањето на Охридскиот регион на листата на светско наследство во опасност требаше да се зграби како огромна шанса, можност да се добие меѓународна помош, да се преземат ригорозни корективни мерки, земјата да добие на располагање стручњаци од светски ранг, па дури и да се искористи и финансиска поддршка. Колку само полесно ќе беше да се бара помош за обнова на колекторот кога финансиерот знае дека спасува бесценето природно богатство. Исто така, впишувањето на листата во опасност ќе беше повеќе од потребното алиби за власта конечно да се справи со урбаната мафија и да фати нов курс за одржливо управување на Охридскиот регион – соопштија од „Охрид СОС“, од каде што сметаат дека проблем што не е решен за две години, нема да се реши ниту за осум месеци.

 

По објавување на текстот, до редакцијата на „Слободен печат“ стигна реакција од Охрид СОС, во која се вели:

Почитувани, Во однос на вашиот денешен напис со наслов Дали и дивоградбите во Охрид ќе останат под заштита? во кој стои поднаслов „НВО: Подобро Охрид да го загубеше статусот” и во кој се повикувате на наши изјави, би сакале да ви обрнеме внимание дека Граѓанската иницијатива Охрид СОС никаде не изразила таков став. Токму напротив, постојано акцентираме дека ставањето на Листата на светско наследство воопшто не значи гумење на статусот на УНЕСКО, што за жал го слушаме од високи владини претставници. Токму напротив, добрата на УНЕСКО кои се ставаат на таа листа добиваат експертска помош за итно преземање мерки за подобрување на состојбата. Ставањето на листата на загрозено светско наследство, што сметаме дека требаше да се случи, никако не значи губење на статусот УНЕСКО. Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ се залага за што поголема заштита на природното културното наследство на Охридскиот регион која сметаме дека има најголеми изгледи да се воспостави токму со задржување на статусот на регинот како светско наследство на УНЕСКО“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close