Да кажеме НЕ на загадувањето на воздухот: Протестен марш денес во Скопје

Граѓанските организации денеска организираат протестен марш, против аерозагадувањето, кој ќе се одржи пред Министерството за животна средина и просторно планирање.

Според најавата, протестот ќе започне во 17 часот пред зградата на Министерството и ќе заврши пред Владата.

-Дојди заедно да кажеме НЕ на загадувањето на воздухот и негрижата на институциите за животната средина! Да кажеме НЕ на 3500 смртни случаи годишно директно поврзани со аерозагадувањето!, стои во креираниот настан на социјалната мрежа Фејсбук.

Од Организацијата велат дека додека светот бара решение за климатската криза, тука се соочуваме со незапаметено загадување на воздухот.

Зошто протестираме?

На 29-ти ноември, движењето за климатска правда повторно ќе ги заземе улиците на сите светски градови. За време на неделата за иднината во септември 7.6 милиони демонстранти го изразија незадоволството од климатските политики на светските лидери. Овој пат, повикот за спас на планетарниот екосистем е упатен кон Мадрид, каде од 2-10 декември ќе се одржи најголемата меѓународна конференција за климатски промени (COP25). Одлуките донесени на оваа конференција ќе бидат од клучно значење за иднината на човековата цивилизација.

Додека светот бара решение за климатската криза, тука се соочуваме со незапаметено загадување на воздухот. Во овој токсичен амбиент повеќе од 3500 луѓе годишно умираат од болести поврзани со аерозагадувањето, а останатите гледаат што побрзо да ја напуштат државата. Причината за загадувањето кај нас, и за климатските промени пошироко, е иста: тотална подреденост на сите економски сектори на фосилните индустрии контролирани од бизнис елитите, и тотална незаинтересираност на политичките елити за било какво справување со овој неодржлив систем.

Револтот од оваа состојба ќе го изразиме во Скопје во петок на 29-ти ноември, со марш кој ќе почне пред Министерството за животна средина и ќе заврши пред Владата. Бараме радикална промена на политичките приоритети и радикална трансформација на општествено-економската поставеност, која ќе ја отфрли саможивата филозофија на владејачката класа и која ќе го стави обичниот човек на прво место.

Во спротивно, нашиот одговор ќе биде радикален. Во секојдневие кое се повеќе наликува на Чернобил, повеќе немаме што да изгубиме.

Со оглед на претстојните избори, од масовноста на овој протест зависи дали ќе го слушнат нашето барање за основни услови за живот. Сите претходни протести во врска со загадувањето биле премали за да ги натераат властите да се посветат на неговото решавање. Придружете ни се, да го направиме овој протест најголем досега, затоа што ова не засега сите, и само на овој начин ќе не послушаат!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот