Д-р Кунгуловски анализира: Кој има поголеми шанси да се зарази и кога – вакцинираните, прележаните или непрележаните

д-р Горан Кунгуловски. / Фото: Приватна архива

Д-р Горан Кунгуловски, микробиолог од Клиниката Жан Митрев ги анализира последните бројки на заразени од ковид -19 во државава и открива кој има поголеми шанси да се зарази од болеста – прележаните, вакцинираните и непрележаните што не се вакцинирани.

„Прележаните – оние што ја прележале болеста имаат мала шанса да се заразат“, смета д-р Кунгуловски во својата анализа која ја објави на својот Фејсбук профил. Според него „ефективноста на прележаноста кон нова инфекција (ре-инфекција) е некаде меѓу 80-95% зависно од старосната граница. Позитивниот аспект е што оваа ефективност не се намалува дијаметрално дури и после повеќе од 6 месеци; има студии каде што после 9-10 месеци останува таква. Прележаните со барем една доза на мРНК вакцина имаат 2-3 пати подобри исходи од невакцинираните прележани. Покрај тоа нивниот имун одговор созрева (барем 4-12 месеци) и може да неутрализира и идни соеви на вирусот коишто моментално не постојат“, потенцира д-р Кунгуловски.

Од друга страна, вакцинираните со две дози на мРНК вакцина , а непрележани имаат мала шанса да се заразат првите 1-2 месеци од примање на вакцината (ефективност околу 85-95% зависно од старосна граница).

„Како изминува времето оваа ефективност паѓа на 40-50% после 6 месеци и веројатно на 20-30% после 9 месеци (во зависност од старосната граница). После 9 месеци, вакцината се уште добро се држи во однос на намалување на ризикот за смрт со просечна ефективност >80%, но за несреќа кај повисоки старосни групи се намалува на 50%, посебно кај тие над 80 години. Тоа е добар аргумент за примање на booster доза после 6 месеци кај старите, имунокомпромитирани и изнемоштени лица. [многу малку литература има за кинеските и руските вакцини, затоа не коментирам за нив], пишува д-р Кунгуловски.

-Знаејќи го ова, прележаните треба во најмала рака да се третираат како вакцинираните: прво за да бидеме интелектуално и научно искрени и да не ги дискриминираме, второ за да ги мотивираме оние што се тестираат дома да се пријават за да влезат во официјална статистика и последователно да имаме подобар увид во епидемиолошката состојба, заклучува младиот микробиолог од Лабораторијата во Клиниката „Жан Митрев“.

Натаму, непрележаните и невакцинираните, според д-р Кунгуловски имаат најголем ризик за сериозен тек на болеста и смрт и треба да се вакцинираат.

-Посебно тие во повисоките старосни групи. Тие се луѓето коишто ги полнат и ќе продолжат да ги полнат болниците, се додека не стекнат некаков имун одговор.. Полните болници имаат два главни ефекти: помалку соодветна нега на болните од КОВИД и намалена медицинска нега на болните со други хронични болести. Секој со својот ум и за себе и за другите, порачува докторот.

Тој на Фејсбук своите тврдења ги објави и во табела која изгледа вака:

Коментар на д-р Кунгуловски/ Фото: Фејсбук

Доктор Кунгуловски во моментов одговара и на прашања на своите следбеници на Фејсбук па може да ги погледнете и подетално да се информирате.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот