Цените летнаа до плафон, постои ризик за зголемување на стапката на сиромаштија

Фото: Слободен печат/Драган

Синдикалната кошница за месец април 2021 година е зголемена за 204,00 денари во однос на претходната за месец март 2021 година поради евидентното зголемување на индексите на трошоците на живот за април и тоа на исхрана и пијалоци за 1,2%, oблека и обувки за 1% и Хигиена за 1,1%, стои во најновиот извештај на Државниот завод за статистика.

Најновите податоци покажуваат дека во април во споредба со истиот месец лани цените на мало се зголемени за 3,7%. Најголемо зголемување има кај непрехранбените призводи и тутунот за 6,8% и кај индустриските производи за 5,1%.

Литар масло за јадење веќе достигна 97 денари, а забележително е дека повисоки цени имаат и увозните производи како чоколадото и слатките производи, но поскапени се и пецивата во пекарите.Цената на геврекот кој до неодамна се купуваше за 10 денари, веќе достигнува цена до 25 денари.

Растот на цените ќе продолжи, но сепак инфалцијата ќе остане умерена, уверуваат од Народната банка која за годинава ја ревидираше прогнозата за инфлација на 2,2%

-Кај нафтата, по падот од 35% измината година сега се очекува раст од околу 38%, а потоа повторно умерен пад наредната година. Слична ценовна динамика се очекува и кај останатите енергенси, храната и кај металите. Ризиците за проектираната патека на инфлација се главно поврзани со неизвесноста околу увезените цени на примарните производи кои се многу променливи, можните ограничувања на понудата поврзани со пандемијата, како и евентуалниот побрз и поцелосен пренос на растот на цените на инпутите врз финалните цени на производите, велат од НБМ.

Ваквиот тренд на ценовен раст во земјава е очекуван со оглед на тоа што на светските берзи веќе се регистрирани повисоки цени на основните прехранбени производи и суровини за производство – највисоки во изминатите седум години. Според податоците од Организацијата за храна и земјоделство шеќерот е поскапен за 60%, житариците за 26%, а маслата за 24,1%.

Со растечка инфлација се соочуваат и земјите од регионот. Во Србија, во април, на месечно ниво е регистрирана инфлација од 1,1% додека на годишно ниво од 2,8 проценти. И светските економии се соочуваат со растечка инфлација. На годишно ниво, во април, во САД е регистрирано зголемување за 4,2 проценти што е најголем ценовен пораст од септември 2008 година. Додека статистиките бележат раст на цените, вредноста на “денарот“ се топи под напливот на поскапувањата. Повеќе од 42% од трошоците на живот пресликани преку  Синдикалната кошница на ССМ се за исхрана и пијалаци, а скоро 32% за домоување – што значи дека дури 74%  од заработката на граѓаните се троши за сметки и храна. Останатиот дел од трошоците отпаѓаат на облека и обувки, култура и одржување на здравје.

Согласно овие анализи и според пресметките на ССМ за секое семејство да може да си овозможи „нормален“ живот, потребни се 33.976 денари или 550 евра.

Според Билјана Дуковска од Македонска платформа против сиромаштија, растот на трошоците за живот директно ќе влијае врз квалитетот на живот на граѓаните, па дури може и да доведе до зголемување на стапката на сиромаштија.

Зголемувањето на цените на прехрамбените производи само по себе не е проблематично, доколку оди заедно со зголемувањето на целокупниот стандард и приход кај сите граѓани, но за жал тоа не е баш така во наши услови. Во период кога се соочуваме со нестабилен пазар на труд, зголемена сиромаштија и нарушена здравствена состојба кај населението, секое покачување на животните трошоци директно ќе значи удар врз кревките семејни буџети и влегување во ризик од сиромаштија. Дополнително покачувањето на цените нема сите подеднакво да го почувствуваат, туку најмногу ќе страдаат оние кои веќе живеат под прагот на сиромаштијата и не можат да си дозволат ниту минимум квалитет на живот и оние кои административно не се евидентирани како такви, а живеат со многу мали (или без) приходи. И семејствата кои се помногубројни, особено повеќедетните, но и оние каде што има исклучително ниска економска активност ќе бидат меѓу најпогодените, смета Дуковска.

Oд опозициската ВМРО-ДПМНЕ деновиве предупредија за галопирачки раст на инфлацијата, и бараат државата да донесе мерки. Тие велат дека реалната инфлација е над 3 отсто. 

Од друга страна, мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), која се одржа од 6-17 мај, оцени дека Економијата во нашата држава заздравува.

Од Меѓународниот монетарен фонд проектираат растот на бруто домашниот производ на земјава во 2021 година да порасне за 3,8%, со нагласок дека проекцијата може да претрпи нагорна корекција доколку се продолжи со забрзување на темпото на имунизација.

Од Фондот нотираат дека проекцијата за стапката на инфлација во 2021 година, како резултат на глобалниот раст на цените на храната и енергенсите, бележи нагорна ревизија, но е на умерено ниво од 2,2%.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот