Чувствителна Македонија
Дочекавме и стабилно мнозинство во Софија кое му овозможува на поранешниот претседател Румен Радев да состави влада каква што сака. Но дали ќе дочекаме Радев, наскоро како премиер, да се орасположи и да договара со нашите власти нови услови за почеток на преговорите за членство во ЕУ и излез од лавиринтот? Какво е чувството?
Пред точно 20 години, додуша недостигаат уште 20-ина денови, Црна Гора стана независна држава, а шест месеци претходно на 17 декември 2005 година Македонија и официјално стана кандидатка за членство во ЕУ. Тогаш, во славеничка атмосфера на која ни дождот ништо не ѝ можеше, еуфорично беше прославен првиот чекор кон европското друштво.
Препорачано
Само недостасуваше нешто – чувството дека патот кон Брисел ќе биде трнлив. Оттогаш многу вода протече во Вардар, европскиот пат стана и потрнлив и потежок, ама чувствата се намножија.
Деновиве бевме сведоци на големиот чекор на Црна Гора кон ЕУ. Имено, Брисел почна да го подготвува пристапниот договор за земјата, а еврокомесарката за проширување Марта Кос најави и дека пред летото ќе презентира финансиски пакет за Црна Гора. Две во едно. Црногорската министерка за европски прашања, Маида Горчевиќ, изготвувањето на пристапниот договор, заедно со затворањето на поглавјата од преговорите, го најави како „последниот круг од четиринаесетгодишниот маратон на патот кон ЕУ“. И додаде дека овој потег ја означува последната фаза од преговарачкиот процес, а членството во ЕУ се предвидува за 2028 година.
Тоа значи дека за не многу долго време, бидејќи две години не се ништо во споредба со нашиот 20-годишен маратон, ќе посведочиме на уште нешто – полноправно членство на Црна Гора во ЕУ.
Цело е кога има сѐ. Барем за Црногорците.
Можеби наскоро ќе сведочиме на сличен чекор за Албанија, се разбира ако не се оствари предвидувањето на вицепремиерот Александар Николоски дека нашата западна сосетка никогаш нема да влезе во ЕУ, „не поради Албанија, туку поради позициите на Европската Унија“. „Демантот“ тогаш стигна од францускиот претседател Емануел Макрон кој лани отворено најави дека тоа ќе се случи за две години.
Дали Макрон имал само чувство за Албанија или изјавата ја темелел на реални податоци допрва ќе видиме.
И додека другите одат напред ние се фокусираме на чувствата. Откако премиерот Христијан Мицкоски тврдеше дека „има чувство дека наскоро високи функционери од претходната влада на СДСМ, поранешни премиери и нивни блиски од семејството ќе бидат опфатени со одредени прогони“, на виделина исплива уште едно негово чувство, овојпат врзано со Европската Унија.
„Имаме чувство дека процесот станува билатерален, а ние сме жртви на вознемирување од земја-членка на ЕУ по принципот ‘ние сме внатре, вие сте надвор, ако сакате да бидете внатре, мора да ги прифатите нашите услови, во спротивно ќе останете надвор‘. И овие услови немаат никаква врска со Копенхашките критериуми“, порача премиерот од Австрија.
Од таму повтори дека Македонија е жртва на блокада од Бугарија, ама не понуди решение за тоа што понатаму. Веројатно за да не се повторува дека нема да се поместиме ни милиметар од она што го бараме и дека ќе чекаме ако треба и со децении.
Ваквата „стратегија“ ги дава резултатите – од оние кои се родиле во времето на добивањето кандидатски статус веројатно повеќето се веќе угледни академски граѓани на земјите на Европската Унија. А оние останатите? Тие сѐ уште чекаат времето да проработи за Македонија.
Да бидеме реални. Не дека причината е само кај нас. И Европската Унија има дел од вината, но ако веќе инсистираме дека проблемот е во односите со соседна Бугарија, не е доволно да се чека „ако треба и со децении“, туку мора да се биде проактивен и да се нуди иницијатива. Да се има стратегија.
Ете дочекавме и стабилно мнозинство во Софија кое му овозможува на поранешниот претседател Румен Радев да состави влада каква што сака. Но дали ќе дочекаме Радев, наскоро како премиер, да се орасположи и да договара со нашите власти нови услови за почеток на преговорите за членство во ЕУ и излез од лавиринтот?
Да видиш да не веруваш… и покрај тоа претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова најави дека ќе трагаат по ново решение со Радев. Во разговорот по неговата победа, како што кажа, му потенцирала дека за неа е важен регионалниот пристап и дека „очекува пријателски однос, конструктивен однос, разбирање на потребата за проширување“.
И додека чекаме Радев да се „орасположи“ и да признае дека не бил во право, и дека ќе се укине ветото во ЕУ, од Брисел стигнуваат вести и пораки кои не предизвикуваат расположение. Еврокомесарката Марта Кос на пример во последните настапи воопшто не ја спомена Македонија ниту во земјите кои напредуваат, ниту во оние кои не напредуваат на патот кон ЕУ. Тешко дека се работи за „пропуст“ бидејќи ЕУ рака на срце не си дозволува таков протоколарен пропуст. Но истата таа Кос не пропушти да предупреди дека шесте земји од Западен Балкан ризикуваат колективно да изгубат повеќе од 700 милиони евра од Планот за раст на ЕУ до средината на годинава поради неуспех во спроведувањето на реформите. Од тие пари потенцијалната загуба за Македонија би била 49,2 милиони евра.
Конечено, што додека чекаме?
Дотогаш евроинтеграцијата ќе ни се базира на чувства, па на меѓусебни обвиненија дали Филипче или Мицкоски ја кочи евроинтеграцијата, па на барања да бидеме ослободени од биометриска регистрација на границите на Шенген зоната…


