Четири маркети не ја почитувале одлуката за замрзнување на цените

Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Од изршени над 250 надзори, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) утврди дека четири субјекти не ги почитувале последните одлуки на Владата за замрзнување на цените на одредени прехранбени производи.

Како што информира денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, станува збор за економски субјект во Охрид, кој продавал леб по цена повисока од онаа утврдената во одлуката за забрзнување на цената на лебот до 33 денари, како и за три економски субјекти од Охрид, Битола и Кичево, кои не ја почитувале одлуката за намалување на цените на тестенините и млечните производи.

– По стапување во сила на последната одлука, односно во последните два дена, се извршени над 250 надзори на цела територија. Од надзорите е констатирано дека одлуките се почитуваат, освен кај четири економски субјекти, за кои се изречени прекршочни платни налози во вредност од над 1 120 000 денари, изјави Трајковски.

Тој изрази уверување дека инспекторатот работи со својот полн капацитет и врши надзор на територија на цела држава.

– Добро е што се донесоа ваквите одлуки затоа што тие се пред се за доброто на граѓаните, но трговците не треба да чекаат да се донесат одлуки, па да намалуваат цени, апелирам онаму каде што има можност да ги намалат цените и на другите производи кои се неопходни за граѓаните. Во време на криза потребна е солидарност, а не профитерство, рече тој.

Трајковски порача дека инспекторатот останува на терен да следи дали се постапува согласно Одлуките на Владата.

– Неколку пати апелирав, ќе кажам и сега, да се усогласат цените со одлуките, затоа што секое прекршување на одлуките и законите ќе се казнува, а казните се високи. Дали станува збор за голем познат маркет или локален, тоа не игра никаква улога пред законот сите сме исти, подвлече Трајковски.
Освен замрзнатите цени на лебот, тестенините и млечните производи, се очекува од идната недела да се направат анализи со што ќе се утврди дали ќе бидат замрзнати цените и на шеќерот, јацата и оризот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот