Чекор кон нормализација: Израел го укинува задолжителното носење на маски на отворено
Во Израел од 18 април нема да биде задолжително носење маски на отворено, соопшти министерот за здравство Јули Еделстајн.
Во земјата со најмногу вакцинирани против коронавирусот во светот, во споредба со бројот на жители, новата одлука, која ќе стапи во сила во недела, се смета за чекор кон нормализација на животот.
Задолжително носење маски во затворен простор ќе остане во сила.
Во Израел, врз основа на епидемиолошката состојба која се подобри благодарение на вакцинацијата, епидемиолошките мерки од 21 февруари постепено се олеснуваат.
Во земјата со околу 9,3 милиони жители, околу 4,96 милиони луѓе веќе примиле втора доза вакцина против Ковид-19.
Податоците на Министерството за здравство покажуваат дека во последните неколку дена дневно се регистрираат помалку од 200 заразени лица.
Досега во Израел од Ковид-19 починале 6.312 лица, а 836.504 луѓе биле заразени.