Бугарските клубови немаат намера да ги сменат имињата?

Здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид и Клуб „Ванчо Михаилов“ во Битола / Фото: СП. архива, МИА

До овој момент, од законските застапници на наведените здруженија не се поднесени пријави за усогласување според измените на Законот за здруженија и фондации, ни одговорија од Централниот регистар на прашањето дали здруженијата со спорни имиња поднеле документи за измена на имињата и статутите.

Битолското здружение на граѓани „Иван Михајлов“ и охридското „Цар Борис“ засега не го почитуваат Законот за здруженија и фондации, ниту одлуката на Комисијата за заштита и спречување дискриминацијата и до Централниот регистар на Македонија не поднеле документација за промена на нивните спорни називи и статути.

– До овој момент од законските застапници на наведените здруженија не се поднесени пријави за усогласување согласно измени на Законот за здруженија и фондации – ни одговорија од Централен регистар.

„Слободен печат“ праша дали „Иван Михајлов“ постапува по одлуката на Комисијата, според која до вчера требаше да го смени името и статутот и дали двете здруженија досега отвориле постапка да ги сменат своите називи во согласност со последните измени на Законот за здруженија и фондации, според кои е забрането да се користат имиња поврзани со личности и настани од времето на фашизмот, Третиот рајх итн., за што законскиот рок е до крајот на јануари.

Од Комисијата завчера информираа дека истече рокот од 45 дена за „Иван Михајлов“ да ги отстрани сите спорни елементи во името, статутот и програмата, откако претходно таа утврди дискриминација по основа на национална и етничка припадност со основањето на клубот.

Казната со која се соочува битолското здружение е од 3.000 до 10.000 евра

– Спорните содржини упатуваат не само на вознемирувачки говор, туку постојат сериозни индиции дека се повредуваат правата на поголем број луѓе, а тоа упатува на одредби од членот од Кривичниот закон, со што топката ја префрламе на Основното јавно обвинителство. Идејата не е да се казнуваат граѓаните парично, идејата е да се отстранат сите практики што создаваат нееднаквост во ова општество – информираа вчера од антидискриминаторската комисија.

Казната со која се соочува битолското здружение е од 3.000 до 10.000 евра. Но, бугарскиот центар може да се соочи и со кривична одговорност, најавија од Комисијата, бидејќи не е испочитуван ниту рокот за отстранување на спорните содржини, објавени од клубот на социјалните мрежи. Според измените на Законот за здруженија, пак, ако до февруари „Иван Михајлов“ и „Цар Борис“ не ги сменат имињата, ќе бидат избришани од Централниот регистар, односно министерот за правда ќе донесе решение за нивна ликвидација.

Овие два клуба беа цел на неколку напади. „Играта“ со клубовите почна пролетва, откако стана јасно дека спорот што Бугарија ѝ го наметна на Македонија ќе се надмине со формулата „вметнување на Бугарите во македонскиот Устав“, што во македонската јавност е протолкувано дека Софија нема да застане со своите провокации и уцени кон Скопје.

Неприфатливите изјави на Костадин Костадинов од бугарската националистичка партија „Преродба“ за време на отворањето на бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, како и изјавите по последниот состанок на Мешовитата експертска комисија, во кои копретседавачот од бугарска страна Ангел Димитров рече дека се зборувало за тоа како да биде претставена Охридската архиепископија во учебниците, поттикнаа барање на премиерот Димитар Ковачевски двете страни да се воздржат од шпекулации.

Арсовски: Неблагодарно мешање на бугарски политичари

Поранешниот амбасадорот Љупчо Арсовски оценува дека комуникацијата излегува од контрола.

– Се наметнуваат дури и прашања што воопшто не треба да бидат споменувани. Но, обидот на Бугарија да ги забави евроинтеграциите на Македонија нема да биде одобрен, ниту прифатен од голем дел од членките на ЕУ. Сведоци сме на многу посети на претседатели, премиери и други високи функционери што покажува дискрепанца со намерите на Бугарија. Не знам што е проблемот да не можеме да издејствуваме да не се повторуваат инсистирањата за брзо решавање на историските прашања, дали немаме добра дипломатија или немаме пристап до високата дипломатија и центрите што ги носат одлуките – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Според него, постојаното мешање на актуелни бугарски политичари, пратеници, партиски лидери е многу неблагодарно за развојот на македонско-бугарските односи.

– Таквиот пристап може да отвори и нови прашања меѓу двете земји. Искуствата и од поранешна Југославија и скорешните искуства недвосмислено ја отсликуваат бугарската политика за македонското прашање. Нападите на официјална Софија што траат од времето на Тодор Живков до денес е со цел да се намалат бројките на Македонците во Бугарија, да бидат што е можно помалку, додека еден ден конечно не ги снема – заклучува Арсовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот