Бугарски портал ја гледа како кандидат за категоријата „тиква на годината“: Бисерот на Захариева за Тито и Хитлер во конкуренција за „најглупава изјава“

Фото: EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Интервјуто на бугарскиот премиер Бојко Борисов за германски „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, според многумина, беше ненадминливо, но шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева направи сериозен исчекор да го надмине, пишува бугарскиот портал frognews.bg.

Медиумот се навраќа на доста цитираниот британски политичар Винстон Черчил, пришто нагласува дека е потребно потсетување на некои негови изјави како на пример „дипломат е личност која треба да размисли двапати пред да каже нешто“ или „поразот е една работа, а срамот сосема друга“.

Захариева, пишува порталот, го исполнува значењето на двата израза и затоа постои огромна можност таа да биде меѓу номинираните на frognews.bg за „тиква на годината“.

Забелешките за бугарската министерка за надворешни работи се однесуваат на нејзиното интервју за германски „Ди Велт“ во кое таа вели дека „славењето на смртта на југословенскиот лидер Јосип Броз Тито е како градоначалникот на Берлин да размислува за одбележување на смртта на Адолф Хитлер“.

Захариева го споредува Тито со Хитлер

– Не знам што слушала или читала Захариева, но јасно е дека таму немало ништо за Тито и Југославија. Инаку, ќе знаеше дека Тито беше организатор на југословенскиот партизански отпор од 1941 година до крајот на Втората светска војна во 1945 година. Под команда на Тито, отпорот се бори против силите на Хитлер и локалните прохитлерски четнички одреди. Тито беше првиот шеф на држава кој отворено му се спротистави на Сталин по победата над нацизмот. Беа направени неколку обиди за атентат врз него, Тито беше еден од основачите на Движењето на неврзаните кое имаше важна улога во Студената војна, пишува Борис Петков, автор на текстот.

– Секако, неговото управување со земјата може да биде критикувано за многу нешта, но да биде споредуван со Хитлер е смешно. Зарем Захариева, која не успеа да направи ништо значајно во спорот со Македонија, сега сака да го вовлече и Белград во скандалот? – Па, да им кажете на германските медиуми дека градоначалникот на Берлин би организирал прослава на Фирерот е тотален идиотизам, се вели во текстот.

За крај, бугарскиот новинар ѝ одржа лекција по историја на Захариева и ги кажа зборовите кои, за жал, денеска не се осмелува да ги каже ниту некој претставник на македонската Влада.

– За судбината на балканските народи и држави, честопати, ако не и секогаш одлучувале големите сили. Затоа Хитлер на својот сојузник – Кралството Бугарија, ѝ ја даде Вардарска Македонија и деловите на српско Поморавје. На овие територии бугарските сили беа окупатори, во секоја смисла на зборот, стои на крајот на текстот.

Ова се коментарите на еминентните германски медиуми за новата обемна биографија на Тито

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот