Бугарите можат да се попишат, но нема да добијат копија од листата

Бугарите во Македонија на претстојниот попис можат слободно да ја изразат својата бугарска етничка припадност и во тоа никој нема да ги спречи, но нема да добијат фотокопија од пописната листа затоа што тоа е законски забрането, велат од Државниот завод за статистика за „Слободен печат“.

Завчера културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола побара бугарско државјанство по скратена постапка за секој граѓанин на Македонија, кој со фотокопија од пополнетиот формулар на пописот ќе докаже дека се регистрирал како македонски Бугарин. Во писмото до бугарскиот државен врв се вели дека така би избегнале да бараат сертификати за потекло „кои можат да им ги откријат намерите пред локалните служби“ и се потенцира дека така бугарската држава ќе ги заштити македонските Бугари. На овој повик експресно одговори бугарскиот претседател Румен Радев, кој ги повика македонските институции да создадат услови и да им го гарантираат правото на овие граѓани слободно да се самоопределат како Бугари.

Бугарија бара да се попишат македонските Бугари

Од Државниот завод за статистика велат дека на претстојниот попис секој може по сопствена волја да ја изрази етничката припадност.

– Изјаснувањето за етничка припадност е лично чувство и на прашањето за етничка припадност секој може да се изјасни како што се чувствува – велат од ДЗС за „Слободен печат“.

Во методологијата за спроведување на пописот е објаснето дека припадноста кон етничка заедница е едно од најчувствителните прашања и никој со ништо не смее да влијае во давањето на одговорот. Попишувачот не треба да ги чита понудените одговори, туку само го прашува попишаното лице за неговата припадност кон етничка заедница. Ако етничката припадност ја нема во понудените одговори, тогаш треба да се допише. Во методологијата е наведено и дека лицето може од приватни причини да не се изјасни по ова прашање и, во тој случај, попишувачот ќе го избере одговорот „не се изјаснил“. За деца до 15 години, одговор на прашањето дава еден од родителите, посвоителот или старателот.

Но, иако методологијата ова прашање го наведува како најчувствително, заедно со религиската припадност, сепак на пописот ќе биде дозволено и друг да се изјасни за нечија етничка припадност. Возрасен член на семејството ќе може да одговори на овие прашања за отсутните членови и притоа се очекува да биде искрен, а подоцна податокот не може да се провери или да се коригира.

– За лицата што во моментот на попишувањето се отсутни од која било причина, одговор може да даде полнолетно лице на кое податоците му се најдобро познати. За точноста и за веродостојноста на податоците тоа лице гарантира со својот матичен број. Во однос на прашањето за етничка припадност, одговорот претставува изразување чувство на припадност и тој податок не може да се провери. Лицето што дава податоци за друго лице, за да избегне каква било грешка, особено во однос на ова прашање, може да одговори и со опцијата „непознато“ – велат од Заводот за статистика.

Во Законот за попис е наведено дека прибраните податоци може да се користат единствено за статистички потреби, а не и за воспоставување, водење или ажурирање административни регистри. Личните податоци што се прибираат се доверливи и заштитени со закон.

На последниот попис во Македонија во 2002 година, како Бугари се изјасниле 1.417 граѓани. Бугарските политичари во последниве месеци зачестено споменуваат бројки на издадени бугарски државјанства на македонските граѓани, а во писмото на битолскиот културен центар се вели дека „последните години повеќе од 100.000 македонски Бугари добиле бугарско државјанство, а уште десетици илјади се пријавиле“.

Бучковски: Бугарија конечно препозна каде не сме подготвени да попуштиме

Акцискиот план е усогласен 99 отсто и дава надеж дека можеме во следните неколку седмици да ја имаме таа меѓувладина конференција, која ќе биде многу битна во подготовката на поповолна атмосфера пред политичките разговори за кои посакуваме да се случат во мај или јуни, по промовирањето на новата бугарска влада, вели специјалниот владин претставник за Бугарија, Владо Бучковски.

Тој вели дека „клучот е околу заедничката историја“, а историско-образовна комисија треба да има клучна улога во создавањето на амбиентот, но не треба да се форсираат решенија преку ноќ.

– Ние, реално имаме шанса да го направиме првиот пробив по изборите во Бугарија, значи мај и јуни. Потоа се влегува во преткампања, кај нас се локалните, а во Бугарија потоа се претседателските. Ако не успееме во овие два месеца, потоа другата шанса ни е во ноември и во декември. Реални се шансите да дојде до компромисно решение, зашто сепак сме блиску до изнаоѓање формула. Јас сум уверен дека Бугарија конечно ја има нашата кристално јасна порака каде не сме подготвени да попуштиме. Тоа ме охрабрува, нивното препознавање на она што е неспорно дека може да биде првиот сериозен чекор кон враќањето на довербата – вели Бучковски во разговор за „360 степени“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот