Бугарија бара да се попишат македонските Бугари

Бугарија на прагот на нивната предизборна кампања му „фрли око“ на нашиот попис и бара да бидат пребројани и Бугарите во Македонија, а вицепремиерите Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов градат позиции со изјави од типот дека Скопје е под влијание на Москва и само ќе ѝ донесе проблеми на ЕУ.

Само една недела откако Захариева повикуваше „ајде сите да бидеме пријатели“ или „осудени сме да успееме“, сега Каракачанов вели дека САД и претседателот Џо Бајден не можат да го сменат мислењето на Софија.

Според аналитичарите, очекувано е како што наближуваат изборите да се заострува и бугарската реторика кон Македонија, ама очекувано е и нашата дипломатија да влезе во „офанзива“ затоа што само така може да се дојде до решение.

Никовски: Неразбирливо молчење

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски вели дека „нашето неразбирливо молчење е само показател за Софија дека сме подготвени за нова капитулација“.

– Бугарите се во хаос и веќе не знаат што прават и затоа постојано ни сервираат вакви будалштини и со тоа се срамат, без разлика дали свесни за тоа или не. Тие заглавија со своите целосно антиевропски политики и сега само подлабоко пропаѓаат. Американците веројатно им ставаат до знаење што направиле, но и нам треба да ни биде јасно дека САД нема да ни го решат проблемот. САД имаат многу посуштински проблеми за решавање отколку да се занимаваат со Балканот. Во крајна линија, тоа што го прави Бугарија им одговара на нивните концепти и сценарија за регионот. Ако Македонија не тргне во офанзива да бара решение за блокадата на која е изложена, само ќе оди надолу и кон пораз – вели Никовски за „Слободен печат“.

Извесен културен центар „Иван Михајлов“ од Битола вчера побара од бугарскиот државен врв да му дадат бугарско државјанство на секој граѓанин што на пописот „ќе докаже дека се осмелил да се регистрира како македонски Бугарин“, на што доби експресна поддршка од претседателот Румен Радев. Радев побара институциите во двете земји навремено да реагираат „за бугарските сонародници што се соочуваат со проблеми“.

„Претседателот смета дека човековите права и заштитата од дискриминација се основа на демократијата и фундаментален дел од Копенхашките критериуми за членство во ЕУ. Почитувањето на слободното право на самоопределување на бугарските сонародници во РСМ, кои наспроти сите репресии во текот на тоталитарното минато го сочувале и продолжуваат отворено да го изразуваат својот бугарски национален идентитет, е клучен чекор за развој на добрососедските односи меѓу двете држави. Бугарите во РСМ треба да имаат еднакви права со останатите граѓани, во согласност со највисоките светски и европски стандарди“, информираа од прес-службата на Радев.

Радев бара македонските институции „да ги создадат сите услови и да им го гарантираат правото слободно и јасно да се самоопределат како Бугари според потеклото, во согласност со принципите на меѓународното право“.

Во писмото од центарот „Иван Михајлов“ до бугарскиот врв се вели дека тие не бараат бугарски пасоши за да ја напуштат Македонија, туку затоа што се чувствуваат како Бугари.

„Десетици илјади доаѓаат во Софија за бугарско државјанство. Со своите потписи се декларираат како Бугари по потекло, а овде на пописот не се осмелуваат да се запишат како македонски Бугари. Во следните недели ќе се одржи нов попис во Македонија. Се обраќаме до властите во Бугарија да ни помогнат да добиеме безбедност за оние Македонци кои сакаат мирно и слободно да се регистрираат како македонски Бугари. Бараме радикално поедноставување на постапките за добивање бугарско државјанство, што ќе нè заштити од притисокот на бугарофобијата“, пишува во писмото.

Захариева: Албанија е поусогласена со ЕУ отколку РСМ и Србија

Викендов Захариева рече дека „некои од земјите кандидати за членство во ЕУ од регионот се малку усогласени со заедничката надворешна политика на ЕУ кон Русија, како резултат на влијанието на Москва врз нив.

– Северна Македонија е една од овие земји, со исклучително низок процент, под 50 отсто на усогласеност со заедничката надворешна политика на ЕУ. Србија, исто така е една од оние земји со помал процент, но не толку низок како Северна Македонија. Албанија има прилично висока стапка на усогласеност во областа на надворешната политика со ЕУ – рече Захариева и додаде дека „овие земји треба да се реформираат и да одлучат дали ќе бидат членки на ЕУ или еден од нејзините соседи“.

Министерот за евроинтеграции Никола Димитров нејзината изјава ја оцени како „скандалозна невистина, која не е ниту пријателска ниту европска“ и посочи дека според последниот извештај на ЕК, Македонија има 92 отсто усогласеност со европските политики.

Каракачанов, пак, повтори дека македонската политичка елита генерира голема омраза кон Бугарите и дека репресијата и притисокот врз Бугарите во Македонија се интензивирале.

– Во ЕУ има доволно проблеми и нов проблем на Балканот, ако не се реши на нормален начин, не му е потребен никому. Џо Бајден има право на сопствено мислење, толку колку што имам јас право на сопствено мислење. Во мојата држава Бугарија еден обичен бугарски граѓанин има повеќе право на мислење од кој било претседател на голема сила, па макар тоа биле и САД. Тоа е – рече Каракачанов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот