Бугарите бараат ДНК-анализа на македонските фудбалери

Атанас Костовски, Фото: Архива

Госпожа Захариева извади лист хартија, ги стави очилата, па почна полека, но гласно да чита за сите да чујат: Енис, Елиф, Езџан, Бесарт, Аријан, Егзон, Висар, Енур… ги има прилично многу, сите тие, потенцира госпожата, треба прво да имаат наши, бугарски имиња.

Тешко може овие денови човек да преслуша, да прегледа и да прочита се за бугарското црвено светло за македонската интеграција со Европската Унија. Одамна веќе осознав дека има „две вистини“ по нашите телевизии, не помага дури ни менувањето на каналите. Ги читам редовно коментарите на моите драги колеги и колешки, но нема да ги спомнувам нивните имиња.

Верувајте, имам 60-годишно искуство – се уверив дека посуетни суштества од нас новинарите тешко можеме да најдеме на планетата земја. Ама се думам, ајде и јас нешто да напишам, искрено плашејќи се притоа да не го прекршам членот 11 од Договорот за добрососедство на блиските пријатели од двете страни на гордиот Пирин. Седнав крај тастатурата на компјутерот и веднаш ми текна дека јас навистина сум ти имал некои бугарски корени!

Честитки од Пантиќ

Имено, моето единствено богатство што го изгубив за време на катастрофалниот скопски земјотрес беше машината за пишување „Олимпија“ со бугарски распоред. Колку ми беше тешко потоа да се привикнам на новиот распоред само јас знам, дури денеска имам белег на средниот прст од долгото пишување со молив и чекањето ред да го издиктирам сето тоа на дактилографките. Присетувајќи се на тоа, очигледно сум задремал кај вклучениот компјутер. Ме буди сопругата во сред сон, ајде јави се на телефон, некој упорно те бара на Вибер. Веднаш се расонив, веројатно некој од странство ме бара.

– Здраво, стари друже, го препознавам продорниот глас на белградскиот колега Милојко Пантиќ. Честито успех на фудбалерите, ајде, те молам, погледни ја „Спортска галаксија“, дали мојата искрена честитка добро ја изговорив на македонски. Види и јави се.

Редовно го следам Милојко Пантиќ на Јутјуб-каналот, строг критичар е на спортот и на владеењето на Александар Вучиќ. Гледам и слушам: „Најпосле морам со нешто да се согласам со неуставниот владетел на Србија Александар Вучиќ, кој изјави дека Србија со цело срце ќе навива за Македонија на Европското првенство. И од моја страна – продолжи Милојко, но сега на македонски – честитки за големиот успех на фудбалерите на Македонија за пласманот на Европското првенство предводени од легендата Горан Пандев. Браво Македонија!“

Му се јавив на стариот другар, му заблагодарив за честитките, но и му бев лут што ми се јави во невреме, ме разбуди од сонот кога беше најинтересно. Обично се случува  човек да сонува нешто што во последно време постојано го мисли. Не знам како заврши интересната расправа во кабинетот на претседателот на Република Бугарија Румен Радев, но на почетокот беше приближно вака. Покрај Радев  околу тркалезната маса беа поседнати Јотова, Борисов, Захариева, Каракачанов, имаше тука и една црнокоса девојка која водеше веројатно белешки од состанокот. На масата разни пијалаци и салати. Можеше да има и охридска пастрмка, се јави Каракачанов, да ми јавивте на време моите охридски пријатели ќе донесеа неколку килограми. Претседателот Радев вели дека средбата ја свикал по барање на Захариева и Каракачанов и пред да им даде збор, го праша премиерот Бојко дали му ја честитал германската награда на брат му Зоран. Бидејќи Бојко ништо не одговори, за збор се јави Каракачанов. Добро успеавме со ветото, постигнавме голем успех, цел свет сега пишува и зборува за Бугарија, се јавија дури и Американците!

Чудни имиња

Пред нас сега е следниот чекор, со колешката Захариева разговаравме што се треба да преземеме за да ги докажеме бугарските корени на  македонските фудбалери. Мораме да побрзаме сѐ додека не ги отпечатиле влезниците за Европското првенство, па секаде каде што пишува Северна Македонија административците на УЕФА да ја напишат Бугарија. Тука мора да ни помогне и здравствената комисија при Бугарската академија на науките, мора што е можно побрзо да извршиме ДНК-тест на македонските фудбалери во некоја од лабораториите во Швајцарија. Мораме да ги потврдиме нивните бугарски корени, само треба да внимаваме каде ќе го направиме тоа зашто таму во Швајцарија некои ДНК тестови покажале дека македонските Бугари имале потекло од Античките Македонци. Ами тоа е изгледа полесната работа, додава Захариева, што ќе правиме со оние кои имаат многу чудни имиња. Госпожа Екатерина Захариева извади бел лист хартија од својата чанта, ги стави очилата, па почна полека, но гласно да чита за сите да чујат: Енис, Елиф, Езџан, Бесарт, Аријан, Егзон, Висар, Енур… ги има прилично многу, сите тие, потенцира госпожата, треба прво да имаат наши, бугарски имиња.

Претседателот Радев вели дека ќе беше лесно ако меѓу нив имаше некој Асан, веднаш тука на лице место ќе го запишевме како Асен, ама и за ова треба да побараме помош од Академијата, којзнае можеби таму  се уште има некој член од  комисиите  од времето на бате Тоше. Мораме сѐ да направиме, додава Каракачанов, Бугарија треба да игра на Европското фудбалско првенство, ќе бидеме единствени од соседството, тоа ќе биде уше една потврда за нашето европејство. Да побрзаме, па и парите треба да легнат на наша сметка, добро ќе ни дојдат повеќе од 9 милиони евра… Претседавачот Радев се врти кон премиерот па му вели: ајде Бојко, доста молчеше, кажи и ти нешто…

Не дочекав да чујам што кажа братот на нашиот Зоран. Ете зошто му се лутам на мојот драг пријател Милојко Пантиќ, навистина ме разбуди, ми го прекина сонот кога беше најинтересно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот