Бугарија влезе во политичка криза поради Македонија?!

Бугарија знаме
Бугарско знаме / Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Освен формирањето и подемот на нови политички субјекти во соседна Бугарија има уште еден нов момент, а тоа е силниот и отворен притисок на Вашингтон кон Софија да се попушти во блокадата кон Македонија.

Постојат повеќе теории кои го бараат одговорот на вечното човеково прашање: која е смислата на животот и универзумот, но две учења се издвојуваат како дијаметрално спротивни тези. Едната е теоријата на хаосот, а другата е божествената терорија. Според теоретичарите на хаосот, се што се случува во универзумот е резултат на константни случајни настани кои ја обликуваат реалноста, па така животот и се околу него е производ на низа спонтани процеси кои константно се случуваат и ја образуваат сегашноста и ја одредуваат иднината.

Втората божествена терорија пак верува во постоење на виша сила која се персонифицира во Господ, и таа сила го обликува постоењето и ја одредува судбината на секое живо битие како и на материјалниот космос. Ако овие учења ги пресликаме во политиката и во меѓународните односи ќе видиме дека размислувањата на луѓето се поделени на сличен начин.

Според едни се што се случува на планетата е резултат на добро испланиран заговор на некои големи играчи и општествените процеси се строго контролирани, додека други повеќе веруваат дека политиката е хаотична и несмасна и дека големите сили не секогаш ги држат конците во рацете. Вистината е веројатно некаде на средина со поголем помак кон теоријата на политичкиот хаос, па на тој начин можеме сега да ја набљудуваме и политиката на Бугарија кон Северна Македонија.

Имено политичката криза во Бугарија почна после изборите кога ГЕРБ на Бојко Борисов не можеше да состави влада. После тоа кај источниот сосед имаше уште едни избори во јули но резултатот е речиси ист и ниту една политичка структура не може да состави парламентарно мнозинство. Но што толку радикално се случи на бугарската политичка сцена за земјата да влезе во таква политичка и уставна криза. Една од новините е подемот на Има таков народ на Слави Трифонов, тоа  е нов политички субјект кој стана прва политичка сила во Бугарија после последните избори.

Во Бугарија се случи и подем на помали политички структури како Демократска Бугарија и истовремено пад на подршката за традиционалните ГЕРБ и Социјалистичката партија. Од политички аспект гледано овие измени на политичката сцена ја редефинираа мапата на моќта во Софија. Но некако тешко е да се поверува дека партиите таму никако не можат да се договорат за состав на влада, и покрај очигледната политичка и уставна криза. Имаше повеќе опции за формирање на парламентарно мнозинство и од Има таков народ, и од ГЕРБ а сега на потег се социјалистите, но сите опции некако магично пропаѓаат во 5 до 12 и се продолжува агонијата на бугарските граѓани.

Но освен формирањето и подемот на нови политички субјекти во соседна Бугарија има уште еден нов момент, а тоа е силниот и отворен притисок на Вашингтон кон Софија да се попушти во блокадата кон Македонија. Тој притисок стана толкав што и техничката влада едвај успеа да се извлече од одговорноста да потпише некаков договор за Македонија, а последните изјави на Бојко Борисов укажуваа дека тој прифаќа постигнување на компромис за подигнување на блокадата која самиот ја постави.

Се разбира дека во меѓувреме се случија и американските санкции кон бугарските тајкуни, а прилично неприметно поминаа и разговорите на турскиот претседател Ердоган со бугарските турци на кои се разговарало и за блокадата кон Македонија. Кога во овој момент скалата на веројатноста во политиката би ја поместиле од теоријата на хаосот кон теоријата на контролата тогаш може да се поверува дека неможноста на Бугарија да состави влада се должи на избегнувањето на Бугарија да ја подигне блокадата кон Македонија.

Едноставно официјална Софија се најде под толку силен американски притисок што веќе едноставно немаше начин да продолжи со политиката на блокирање на проширувањето на унијата и мораше да најде поинвентивни методи за избегнување на одлуката. Доколку некој помисли дека овој начин на размислување е премногу драстичен и неверојатен, само нека направи анализа на македонскиот евро-атлантски пат, нека се подсети на сите блокади и услови за земјава кои се толку нестандардни и апсурдни и се немаат случено на ниту една друга земја. Случајност?

Во овој случај веќе верувањето во теротијата на случајност во однос на Македонија би било едноставно отфрлување на здравиот разум и логиката, би било отфрлување на историските текови и случувања во изминатите векови и непознавање на историскиот контекст во однос на дефинирањето на македонската држава и нација. Бугарската блокада кон Македонија всушност е блокада за конечно дефинирање на македонската држава, интегрирана во НАТО и ЕУ, држава која за прв пат во својата историја се поместува од границите на источното римско царство дефинирани пред 1600 години и суштинско и идеолошко поместување на Македонија на запад. Не е тешко да се поверува дека Бугарија би одложила формирање на влада и влегување во контролирана политичка криза за да се ослободи од американскиот притисок, бидејќи не се работи за бугарска блокада кон Македонија која трае 2 години, туку се работи за блокада која постои веќе 200 години и кога се работи за повеќевековен план, едни или други избори не значат многу.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот