Буџетот ќе биде најизговорениот збор, ќе се бара отчет за секој потрошен денар!

Бранко Азески/Фото: МИА

Деновиве се повторува истата слика како и пред секои избори, а најголемите партии ги „распослаа“ своите економски програми пред претставниците на бизнисот. Претседателот на СКСМ, Бранко Азески очекува нови ветришта во борбата против корупцијата, а открива дека бизнисмените ќе бидат поагресивни во барањето отчет како се трошат народните пари

Што ќе се случеше со македонската економија ако Владата и нејзините институции прифатеа барем дел од иницијативите, предлозите и барањата на бизнисот? Ова е главното прашање на кое Бранко Азески, претседател на СКСМ и Дарко Лазаров, професор на Економскиот факултет во Штип, бараат и нудат одговор во нивната нова книга „Нов договор за економски развој“.

Нивното разочарување се огледува во информациите дека во изминатите 15 година, Комората поднела повеќе од 50 иницијативи до владите, а 65 отсто од нив не се или делумно биле реализирани! Што е уште потрагично, додава професорот Лазаров, за тоа каков е слухот на властите, покажува фактот дека најголемиот дел од законите се носат без да се консултира бизнис задницата. Деновиве се повторува истата слика како и пред секои избори, а најголемите партии ги „распослаа“ своите економски програми пред претставниците на бизнисот, но што од тоа ќе го остварат ќе видиме, вели Азески. Сепак, тој очекува нови ветришта во борбата против корупцијата, а открива дека бизнисмените ќе бидат поагресивни во барањето отчет како се трошат народните пари.

-Бизнимените го кренаа гласот и нема враќање назад. Јавно се одваживме да бараме одговори на прашањата кои ни се од животна важност. Очекувам да ни се случи одговорност за тоа каде одат парите на народот. Зборот „буџет“ ќе биде најизговорениот збор. Ќе си ги бараме нашите права и јавно велиме дека социјалните трансфери ќе бидат најневозможната мисија во иднина. Одиме чекор по чекор, за да не се случи најнепосакуваното – да го иселиме капиталот онаму каде што ќе не примат со широко раширени раце. И ветуваме дека постојано ќе бараме од идниот претседател на државата да не го става потписот на оние закони за кои сметаме дека ќе му наштетат на бизнисот и на граѓаните – истакна Азески.

Професорот Лазаров ги наброја основните постулати на кои инсистира бизнисот – вистинска правна држава и владеење на правото, заокружување на пазарната економија, инвестиции во иновации и човечки капитал, нова десетгодишна стратегија за патната и железничката инфраструктура, борба против сивата економија, обезбедување предвидлив деловен амбиент, професионална администрација и јакнење на независноста на регулаторните тела.

-Бараме поголем буџет за образованието и нови иновативни програми за квалитетна и потребна работна сила, побрзо издавање на градежни дозволи за нови индустриски капацитети, подобар закон за финансиска поддршка на компаниите, формирање на Национална агенција за промоција на извозот и конечно признавање на туризмот како извозна гранка. Ни требаат и нови договори за слободна трговија со земјите од Северна Африка и Блискиот Исток, како и усогласување на царинскиот систем – подвлече Лазаров и додаде дека како претставник на помладата генерација смета дека веќе нема време за чекање.

Ни требаат професионални проектни менаџери!

Ангажирање на професионални проектни менаџери надвор од јавната администрација, кои ќе работат на реализација на капиталните проекти во сите области, бара Стопанската комора на Македонија.

-Досега многу влади ветуваа историски инвестиции во инфраструктурата, но во реалност многу малку е направено во изминатите три декади од нашето осамостојување. Секоја влада водена од популистички мотиви многу повеќе внимание посветуваше на тековните и непродуктивни трошења, а тоа секогаш било на штета на капиталните инвестиции и развојната компонента на Буџетот – порачуваат Азески и Лазаров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот