Бучните хорови и тивкиот глас на разумот

И во Македонија и во Бугарија сега е лесно да се крева паника дека се извршува „национално предавство“, дури и кога не се знае во што тоа би се состоело. И во среде тие два хора којзнае дали некој го слушна гласот на искусниот бугарски политиколог и политичар Николај Василев.

Лесно е да бидеш црнец и против расизмот. Или жена феминист/ка. Лесно е да си Бугарин и да тврдиш дека „њама Македонци“. Лесно е да си Македонец кој тврди дека секој што се обидува да најде заеднички (чуј, заеднички!?) јазик со овој наш сосед „го продава идентитетот и јазикот“.

Деновиве во ова се уверивме следејќи ги реакциите што ги предизвика посетата на македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев на Софија, и во македонската и во бугарската јавност. И на двете страни се јавија хорови кои се натпреваруваа кој ќе залепи потешка квалификација на своите противници.

Во Софија дури и бугарските социјалисти се правеа „поголеми католици од папата“ делејќи ѝ лекции на преодната влада. Нивната лидерка Корнелија Нинова го предизвика Славеј Триофонов, најголемиот фаворит за иден премиер на Бугарија, дека не дал доволно тврди изјави за „темата Македонија“. Тој пак сметаше дека е доволно категорично што рече дека „ветото нема да се тргне ако не се исполнат бугарските услови“, ама изгледа во тамошната предизборна еуфорија и тоа е малку.

Нашиот познат „пациент“ Каракачанов го нападна својот некогашен сојузник Борисов дека „ги предал бугарските позиции“ со тоа што во разговорите со македонската делегација рекол дека техничката влада на Стефан Јанев, ако сака, има мандат да дозволи почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, па дури и да преговара за нов договор за добрососедство. Каракачанов уште му префрли на Борисов затоа што зборувал за „два народа“ и „две нации“, а требало да зборува само за „еден народ во две држави“.

Ни на македонска страна не беше многу поинаку. Прво, од некаде се ископа „доверлива“ информација од некои бугарски медиуми дека Заев однел предлог според кој „македонскиот и бугарскиот се ист јазик ама признаени како два(!?)“ и врз основа на тоа врз него се истури лавина од обвинувања за „предавство“ на посебноста на јазикот и идентитетот. И втора пикантерија, која повеќе личи како козерија, а не серизона информација, беше дека Македонија ќе усвоела некаков документ во кој ќе „стоело“ дека Македонците и Бугарите се братски народи!? И од овој „кромид“ се направи материјал за прогласување „уште едно предавство“. Да не зборуваме за дегутантноста на нашата опозиција, која дури и кога знае дека нема ништо од ваквите небулози, ги потхранува со сета сила и жестина, со цел да му нанаесе што поголема штета на политичкиот противник. Накусо, и во Македонија и во Бугарија сега е лесно да се крева паника дека се извршува „национално предавство“, дури и кога не се знае во што тоа би се состоело. И во среде тие два хора, којзнае дали некој го слушна гласот на искусниот бугарски политиколог и политичар Николај Василев. Како глас на разумот во пустината: „Нашиот приказ (расказ, на бугарски) за формирањето на македонскиот идентитет е неточен, нејасен, неправилен, збркан“, рече во настап на Бугарското национално радио овој автор на повеќе книги, кој бил член на две поранешни бугарски влади.

„Бугарската историографија многу поточно од мејнстрим македонската ги опишува настаните кои се случувале пред повеќе од 100 години, но таа е целосно беспомошна во разбирањето на настаните кои доведуваат до формирање на македонската нација“ – појасни Василев, кој на 5 јули ќе ја промовира својата книга токму на оваа тема и со тој наслов – „Македонскиот идентитет“. Според него, има историски факти коишто не можат да се заобиколат, но „од нив не произлегува дека е спорен македонскиот идентитет, јазик или нивното право да се идентификуваат со Гоце Делчев“.

Вака зборува вистински, чесен интелектуалец. Вакви истапи се нешто што ги придвижува работите од мртва точка. Црнци против расизмот и жени феминисти има доволно, но вистински подвиг е кога некој ќе истапи во име на принципите, а не поради припадноста на некоја група. Гласот на слободните во име на робовите, на мажите во име на жените, или на богатите (сетете се на Енгелс) во име на работниците, има далеку поголема тежина и доблест. Верувам дека и кај нас има интелектуалци кои имаат што да кажат на оваа тема, колку и да се сега надгласани и замолкнати од бучните хорови. Особено за оние „историски факти коишто не можат да се заобиколат“, за кои зборува Василев.

Видео на денот