Брзи, ама одложени избори – Слободен печат
Колумни

Брзи, ама одложени избори

Изборите не се детска играчка, па да си играат Мицкоски и Груевски како што сакаат. Не е ова режимот што го спроведуваа, па да дивеат како ќе им текне! Но, нашле, па зашле, им се може, бидејќи овде некој решил да гради нормална држава, макар и со ненормални ликови.

Македонската политичка питореска ќе се збогати со уште едни предвремени парламентарни избори. Што се случи? Премиерот одважно, одговорно и храбро, ја понуди можноста сите граѓанки и граѓани да оценат дали неговата политика е добра или не – на избори. Брзи, рече.

Така, претседателот Пендаровски брзо реагираше и ги собра сите лидери (лидер+1) што настапувале самостојно и освоиле пратенички места на претходните (предвремени) парламентарни избори, им ги собра телефоните пред да седнат на маса и модерираше дискусија, прво за ЕУ интеграциите, а потоа и за изборите.

Од тоа што го дознавме, Мицкоски бил како кутре, мирен и кооперативен, нишкал со глава, се обидувал да направи гримаса што изгледа како насмевка, не рекол ни збор за тоа дека реформите не се спроведуваат, додека Заев реферирал за огромните пофалби од европските лидери за направените реформи во земјава. И во вториот дел, тој бил послушен и мирен, до моментот кога Заев предложил брзите предвремени избори да се одржат навистина брзо – на 22 декември. Тука, почнал да цимоли и да бара да се одржат што е можно подоцна.

Самоуверено, Заев прифатил, па така сега имаме предвремени избори што ќе се одржат за половина година од сега. Веројатно, со намера да нема ниедна дамка, ниедно оправдување по изборите, му дозволил на вемеровецот број два (нели, „пречесниот“ претседател е број еден) да го диктира темпото на „брзите“ избори.

Какви се тие брзи предвремени избори што се одржуваат по половина година, останува отворено прашање. На долгата листа крајно непријатни прашања на кои треба да одговори Мицкоски сега треба да се додаде уште едно. Тој мора да одговори зошто бега од брзи избори. Особено ако се знае дека работи против земјата и бара избори, практично, од првиот работен ден на владата, 1 јуни 2017 година. Тоа е дури половина година по изборите во декември 2016 година, еден месец по крвавиот терор што го спроведоа во Собранието (27 април) и се обидоа да го убијат Заев и други пратеници и лидери на политички партии. Треба ли да потсетам на сето тоа? И дека речиси им успеа да го убијат Зијадин Села?

Во претходните „рафали“ наведов многу прашања, но овде би било добро да се потсетиме барем на две-три во овој контекст: каква е врската меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Орце Камчев? Каква е улогата на Мицкоски во настаните од 27 април, особено во поглед на опструкцијата на правдата во истрагите и судските процеси кои уследија по настаните?

Како и да е, прашањето на денот останува: Зошто бега од брзи избори кога толку упорно ги бара секој ден по неколкупати (буквално станува збор за многу повеќе од илјада пати повторено барање во јавноста за две ипол години)?

Постојат уште неколку легитимни прашања и потпрашања на кои одговорни политичари мора да одговорат. Ако веќе не може да бидат брзи избори, зошто мора да бидат во април, а да не бидат во октомври идната година? Односно, ако чекаме половина година на брзи избори, зошто да не почекаме уште половина година до редовни избори? Особено ако знаеме дека редовниот термин би требало да биде во декември (два месеци подоцна). Во Грција се одржаа избори помалку од два месеци пред редовниот термин, па ги нарекоа предвремени.

Изборите не се детска играчка, па да си играат Мицкоски и Груевски како сакаат. Не е ова режимот што го спроведуваа, па да дивеат како ќе им текне! Но, нашле, па зашле, им се може, бидејќи овде некој решил да гради нормална држава, макар и со ненормални ликови.

И, што е најтрагично, не помина ни една минута, а ние бевме сведоци на драстична трансформација. Од кутре со скратено опавче што цивка и се умилкува, откако го доби тоа, се претвори во дрзок и арогантен радикал кој продолжи да навредува и галами. Партиското стадо, тоа истото што минатата недела славеше кога не добивме датум за преговори, сега слави затоа што доби предвремени избори, ама одложени, за да имаат време да истурат што е можно повеќе отров и омраза, како да не беше доволно што сѐ моравме да видиме и слушнеме од нив во изминатите години.

И да, тоа е истата партија што со месеци наназад работи против сопствената земја, лобира да не добиеме датум. Истата партија што во ниеден момент не покажа, барем лажно, дека сака да биде поинаква од времето кога владееше со животот и смртта на луѓето како да се инсекти. И што должи пари, а седиштето им е под хипотека. И што има милионски буџет што го плаќаме сите, вклучувајќи ги и „клетите“ за кои одеднаш вели дека му било задоволство кога го гушкале.

Веќе еден ден по договорот за избори во април, вемерето покажа неодговорност и незрелост, истурајќи притоа грамади простотилак и омраза по улиците, социјалните мрежи и медиумите. Сега би требало Заев да се јави кај Пендаровски и да побара уште една лидерска и да побара, сепак, избори на 22 декември. Тоа ќе нѐ поштеди од многу непотребно губење време, пари и нерви.

Ќе прават ли демант и на ова писание? Колку ли им недостига времето кога луѓето се плашеа и да шепотат, а камоли да пишуваат и говорат!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close