Брз влез во ЕУ без право на вето е „тропање на погрешна врата“

Бојан Маричиќ / Фото: Влада на Република Северна Македонија

Брз влез во ЕУ без право на вето е „тропање на погрешна врата“

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ пред неколку денови ги подгреа надежите со изјавата дека вреди да се разговара за идејата за побрзо членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ со замрзнато право на вето или на комесар во првите 5 до 10 години, со објаснување дека за нас е битно што поскоро да влеземе во системот за политичко одлучување преку Европскиот парламент и Советот на министри.

Но, за дел од експертите, а и за некои дипломати, ваквиот „брз влез без право на вето“ е нереален и се граничи со илузија. Точно дека за ваквата иницијатива се зборува со години, но дипломатите велат дека тешко, речиси невозможно е да се очекува реализација додека не се смени Договорот за ЕУ.

– Со ова се тропа на погрешна врата во време кога не е потребно губење на енергијата на лажни надежи, коментираат кусо дипломатски извори.

Дури и да се зборува за некаква процедура за донесување на оваа иницијатива, експерти велат дека има многу сегменти што не се јасни. Ако се гледа само на замрзнатото вето, дел од правните експерти сметаат дека тоа подразбира промена на договорите, а други тврдат дека тоа може да се реши со дерогација. Но, тоа веќе е правна дебата за која никој не знае дали е потребна и дали може да се отвори во моментов.

Симонида Кацарска од Институтот за европски политики вели дека пристапувањето во ЕУ со одложено вето за дел од регионот е една од идеите која што се појави во оптек во минатите две години, имајќи предвид колку процесот на пристапување е комплексен, со непредвидлив и неизвесен крај.

– Предлогот пред сѐ е насочен кон земјите членки, кон справување со нивните стравови дека зголемувањето на бројот на актерите на масата ќе доведе до дополнителна блокада во ЕУ – вели Кацарска за „Слободен печат“.

Ова, појаснува таа, е еден од предлозите што се предмет на дискусија пред сѐ во експертската јавност, при што се разгледуваат и потенцијалните реперкусии, но далеку е од некоја форма на формален предлог.

Маричиќ, бранејќи ја оваа иницијатива, рече дека „подобро е да сме на маса, отколку да чекаме уште десет години за ЕУ да се реформира и секако да ги немаме тие права“.

– Правото на вето и правото да се избира комесар откај нас, дури и да дојдат подоцна, не е страшен проблем, бидејќи секако на државите им требаат пет до 10 години да се социјализираат во тој нов систем. Ние сакаме во ЕУ заради прифаќањето на тие вредности и стандарди, влез на заедничкиот пазар и учество во крупните одлуки – рече Маричиќ.

Дипломатите велат дека според Договорот за ЕУ, единствена можност е правилото Пасарела како механизам за воведување измена од специфична природа. „Овие правила ги модифицираат правилата за носење одлуки што влијаат врз акти на Советот на ЕУ со овозможување наместо едногласност да има гласање со квалификувано мнозинство или преминување од специјална на обична легислативна процедура“, пишува во објаснувањето на Пасарела правилото.

Според дипломатите, сега да се очекуваат измени е само теоретско прашање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот