7 C
Скопје

Бродот што тоне на академик Коцарев

Партиското арбитрирање на еден академик, згора и претседател на МАНУ со промемории, манифести и меморандуми е пар-екселанс влезница во чудесниот свет на политиката, особено со ореолот на месија кој ја спасува Македонија да не потоне поради државното и идентитетското обезличување и лажните надежи дека ќе стане членка на ЕУ.

Претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, за една година како е на чело на највисоката научна државна институција, со своите активности и трудови успеа да се вивне на врвот на популарноста на повисок пиедестал и од естрадните ѕвезди. Само со неколку јавни настапи емпириски докажа колку политиката е поценета од науката. Ќе беше и натаму прилично анонимен за пошироката јавност, како поголемиот број негови колеги, ако во канцеларијата во алејата на бесмртните и во својата лабораторија останеше задлабочен во законите на физиката.

Партиското арбитрирање на еден академик, згора и претседател на МАНУ со промемории, манифести и меморандуми е пар-екселанс влезница во чудесниот свет на политиката, особено со ореолот на месија кој ја спасува Македонија да не потоне поради државното и идентитетското обезличување и лажните надежи дека ќе стане членка на ЕУ.
Ова во изминатите децении на независност сме го слушнале од разни страни безброј пати, но кога ќе го приопшти на јавноста претседател на МАНУ и научник, поддржан од своите истомисленици академици и интелектуалци, добива застрашувачки димензии и вознемирувачки до болка, како што вели академик Коцарев.

 Кој ги укинува катедрите по македонски јазик?

Да тргнеме од неговата последна опомена, крајно драматична и загрижувачка. Коцарев добил алармантна порака која храбро ја споделува со јавноста иако не го открива изворот, но сосема е јасно кој може да направи вакво злодело, само предавничка власт, никој друг.

„Последниот удар се ‘реформите’ на факултетот со кои престануваат да постојат катедрите по македонскиот јазик и македонската книжевност. УКИМ, МАНУ и други институции се формирани заради македонскиот јазик и македонската книжевност. Пораката што се праќа со укинувањето на двете македонски катедри и дома и надвор е јасна. Тоа ќе резултира во гаснење на многу катедри/отсеци ширум светот, каде што се учат македонскиот јазик и книжевност.“ Шокантно, ќе кажат големите бранители на идентитетот од медиумските кујни кои бдеат над кутра Македонија.

Што ни преостанува друго освен да му веруваме на научникот по физика? Да беше некој од нашите политичари, кој секој ден по стопати откриваат предавници и непријатели, ќе одмавневме со рака како за ланскиот снег. Сега, кога за ова не слушнале ни најодговорните луѓе на катедрите по македонски јазик и книжевност, кога абер нема ни државниот врв за тајната разузнавачка операција за разнебитување на сѐ што е македонско, остануваме во исчекување претседателот на МАНУ, академик Коцарев, да го открие злосторничкото здружение во неговото следно појавување на сцената, убедени дека пак набргу ќе бидеме сведоци на научна сензација со политичко патриотски идентитет.

Прочитајте и...  Нон-пејперот на Јанша - уште еден доказ за деструктивниот ефект на Десницата врз Балканот

Покрај другите јавни настапи, ТВ-интервјуа, колумни, промемории и манифести кои заземаат запазено место во експозето за едногодишното работење на претседателот, кое поради големото национално значење за иднината на Македонија се објави ексклузивно и во целост во медиумите, овие визионерски согледби влегуваат во аналите на најголемите „достигнувања“ на МАНУ од формирањето на оваа врвна научна институција до денес.
Ако некогаш со право ѝ се забележуваше и критикуваше МАНУ за молкот на академиците, со чесни поединечни исклучоци, за време на режимот на Никола Груевски, кога интервенциите на политиката во науката и потрагата по пославно минато и антички идентитет направија ненадоместливи штети, кога нѐ изеде нивниот срам поради сервилноста во пантеонот на мудреците кон власта, со чекање на ред на академиците да им се потпише на магистерската работа премиерот кој завршил економија во Прилеп со 6,2 просек, денес јуначењето со дневно политички трактати и памфлети, кога слободно може да се објавува сѐ и сешто, изгледа карикатурално и ја изедначува МАНУ со обидот да биде партиски кризен штаб во постојано заседание.

Претседателот на МАНУ најавува јавна расправа за процесите на евроатланските интеграции и европеизацијата на Македонија, за членството во ЕУ и во НАТО за предностите или пак за лошите страни гледано од аспект на Договорите со Грција и со Бугарија, за проблемите кои можат да се јават од пристапувањето во двата големи воени и економски сојузи во светот. Се разбира, никој не може да стави забелешка на еден ваков научен пристап, но во експозето видлива е политичката, а не научната определба. Точно е дека секогаш има и други алтернативи ако договорите се неодржливи. И смртта е алтернатива на животот, особено на неизлечиво болниот.

Прочитајте и...  Нон-пејперот на Јанша - уште еден доказ за деструктивниот ефект на Десницата врз Балканот

Визијата за иднината е во правливите депоа на МАНУ

Во правливите депоа на МАНУ има една многу значајна студија на 409 страници за економскиот и општествениот развој која никој ни ја чита, ни ја применува. Се вика „Национална стратегија за економскиот развој на Република Македонија (развој и модернизација) од 1997 до 2020 година“, изработена од над 100 угледни домашни и странски научници по урнекот на Словенија.
Проектот е стратегиски договорен меѓу Владата на Македонија и Агенцијата за развој на ОН (УНДП) со финансиска поддршка на Владата на Австрија. Во подготовките, освен македонската научна елита, во 26 работни групи по одделни тематски подрачја, влегоа 70 наши истражувачи од Академијата, од повеќе факултети и институти, познати деловни луѓе од стопанството, а учествуваа и научници и стручни соработници од Виенскиот институт за економија и од Институтот за макроекономски анализи и развој во Љубљана. Користена е стратегијата за економскиот развој на Словенија како компаративно најадекватен за Македонија.

Па пред да почне каква било ревизионистичка дебата на разните алтернативи, добро е да се види овој заборавен стратегиски проект кој целосно се потпира на неопходноста од прифаќање на европските вредности и стандарди. Таму во тие пожолтени страници се кријат причините за опасноста да потоне бродот Македонија, а не во емотивна и популистичка ѓурултија што ја крева академик Љупчо Коцарев со своите следбеници. Исчезнувањето на Македонија, или нејзиното распаѓање е во неостварување на членството во ЕУ и во НАТО, односно во квази патриотскиот и националистички вознес да се прекине процесот на европеизација на Македонија и Западен Балкан, небаре сме атомска велесила што може да им наметнува услови и на Европа и на соседите.
Нема ништо полесно од тоа веднаш да се раскинат договорите и со Грција и со Бугарија. Добро е академик Коцарев и МАНУ да се нафатат со научен пристап колкави ќе бидат последиците од тоа. Појдовна точка можат да бидат пораките на Латинка Перовиќ, почитуван научник и општественик, која прати силна опомена до српските политичари, која кажано парафразирано гласи: Не е ништо ново и во поновата историја да се распаѓаат државите. Србија може да ја снајде таква судбина ако не стане членка на ЕУ. Ако тоа ѝ се заканува на Србија, тогаш тоа е четири пати побрзо за Македонија. Научниците во случајот со Македонија ќе треба сериозно да го земат предвид и факторот време пред да бараат други полоши, но по нивно мислење, поспасоносни алтернативи.
Има уште една клучен фактор кога се водат дебати за алтернативи. Сите договори ако не се заемно прифатливи, односно ако се еднострано наметнати, на подолг рок се неодржливи. Па, така и договорите со Грција и со Бугарија. И уште нешто многу поважно – не постојат вечни договори. Нема да биде крај на историјата тоа што ќе го договорат меѓудржавни комисии, или ќе го изгласаат и ратификуваат парламенти, колку и да се составени од респектабилни научници.
Никој не може да ја сопре науката да престане со изучување на историјата. Па, така и во случајот со Македонија. Наметнатите спорни прашања од соседите и потпишаните договори само го зајакнаа чувството на посебност, на националниот идентитет на Македонецот, на македонскиот јазик и за сопственото историско минато. Македонците почнаа да ја изучуваат сопствената историја многу поревносно отколку досега. Тоа е добриот резултат од неправдите кои ни се нанесуваат. Тие не треба да бидат тема на партиски натпревар за превласт, туку на единство за побрзо остварување на националните и државни стратегиски интереси, а не за отворање полоши алтернативи, кои можат да бидат многу побрзи од бродот што тоне на кој предупредува академик Коцарев.

Прочитајте и...  Нон-пејперот на Јанша - уште еден доказ за деструктивниот ефект на Десницата врз Балканот

Преземено од Дојче Веле

Поврзани вести

Нон-пејперот на Јанша – уште еден доказ за деструктивниот ефект на Десницата врз Балканот

С.Р.

Лидерски договори или заговори?!

Мендо Димовски

Кучињата лаат, а карванот си врви

Омаловажувачкиот хумор кон етнички групи не е шега

Ваљон Салиху

Враќањето на германската политика

Јошка Фишер

За Трајко, со почит

Атанас Костовски

Остави Коментар