Брисел ја притиска Софија, ама ќе издиши ли прво Скопје?

Румен Радев и Стево Пендаровски / Фото: Архива на Слободен печат

Скопје и Софија една седмица по испораката на португалскиот предлог за надминување на спорот ги местат позициите пред интензивните средби што се очекуват во наредните две-три седмици, во пресрет на Советот на општи работи на ЕУ на 22 јуни кога Бугарија ќе има можност да ја тргне блокадата за Македонија кон ЕУ.

Детаљи од предлогот не се соопштуваат, но Бугарија преку претседателот Румен Радев пред Европската комисија веќе се изјасни дека ќе бара Македонија да изготви патоказ за спроведување на Договорот за добрососедство, кој ќе биде прикачен на преговарачката рамка и кој Софија ќе го спореди дали е во согласност со Декларацијата на бугарскиот парламент, со кој се оспорува македонската историја, јазик и идентитет. Министерот за европски прашања Никола Димитров откри дека португалскиот предлог за компромис остава можност Скопје и Софија сега да не се договорат за сè, а премиерот Зоран Заев вчера повторно ја обвини Европа дека е кабаетлија што не оставила предолго во чекалната и ја замоли Бугарија да нè поддржи.

Димитров: Се договоривме да не се договориме за сè

Според министерот Димитров понудениот компромис има две страни.

– Сегашниот компромис, се извинувам не можам во детали, меѓутоа на крупно, има две страни. Една страна, на некој начин се договараме да не се договориме за сè. Бугарската страна си има свои позиции, македонската страна си има свои позиции. Вториот дел од копромисот е таму каде што очигледно имаме заеднички интерес да направиме сè што можеме да имаме конкретен патоказ, со рокови, со надлежни институции, да го спроведеме Договорот за пријателство – вели Димитров во интервју за Радио Слободна Европа.

Тој додава дека за идентитетските прашања на земјава не ѝ треба признавање или непризнавање и дека ако Бугарија сака да има некакво дообјаснување за себе, како бугарска позиција, тогаш тоа може да биде дел од компромисот.

Премиерот Заев вчера рече дека во телефонскиот разговор со бугарскиот колега Стефан Јанев се договорени некои следни чекори „кои верува дека ќе бидат потврдени и од бугарска страна“.

– Ние очекуваме, а Бугарија потврдува дека наша желба е, а верувам и нивна аспирација ќе биде поддршката на целиот Западен Балкан за интеграција во ЕУ. Но, битно е да проодлжиме да работиме на изнаоѓање на решенијата. Сепак, ќе кажам, Европа е кабаетлија и нѝ должи многу. 16 и пол години чекаме пред вратите. Испорачавме сѐ, нема дилеми и навистина заслужуваме. Јас ја испраќам пораката за замолница за поддршка од Бугарија кон С. Македонија зашто лесно е да се стават непријатни состојби, а не е така лесно да се градат пријателства – рече Заев.

Кампањата ќе ги намали шансите за преговори

Според аналитичарот Александар Кржаловски од МЦМС последните благи поместувања во ставовите на бугарскиот претседател Радев се рефлексија на притисокот од другите земји членки кон Бугарија да отстапи од своите позиции кои не наидуваат на разбирање во ЕУ, бидејќи се во спротивност со фундаменталните принципи и вредности на Унијата.

– Видливо е дека има засилени напори од португалското претседателство и други билатерални обиди, па дури се гледа можност и во тоа што Бугарија има техничка Влада, па со премолчена поддршка од водечките партии, а за тоа никој од нив да не биде „виновен“, да се донесе одлука за усвојување на преговарачката рамка, со внесување на некои механизми за контрола на спроведувањето на Договорот за добрососедство во процесот на преговори. Сепак, јас не сум оптимист дека ќе се случи такво нешто во јуни, затоа што сепак се работи за техничка влада чии министри веќе изјавија дека немаат мандат да ги менуваат веќе заземените позиции. Дополнително, самитот на ЕУ е кон крајот на јуни, а изборите во Бугарија се на 11 јули, па може да се очекува ново разгорување на реториката, вклучително и против Македонија и „ловење“ на каква било попустлива порака кон Македонија меѓу претендентите за освојување на власта – вели Кржаловски за „Слободен печат“.

И поранешниот министер Денко Малески смета дека решение ќе се најде, но за исчекор во разговорите ќе мора да се почека до изборот на нова бугарска влада.

– Интересот на ЕУ за вклучување на целиот Западен Балкан во тој европски проект е многу голем. Сега би требало да ја искористиме таа шанса, иако не сум сигурен дека е можен некој голем пробив пред да се завршат политичките избори во Бугарија. И покрај волјата на претседателот Радев да ги придвижи преговорите, тој како политичка индивидуа не може да направи многу. Ја разбирам неговата логика дека тие имаат усвоено став во Парламентот преку кој тој не може да помине. Ниту Радев ниту административната влада не би можеле да влезат во решевање на спорот при постоење на ваков документ. Тоа во превод би значело дека решение толку брзо е можно ако ние таксативно одиме точка по точка и прифатиме сè она што во бугарскиот Парламент било усвоено, што според мене се неверојатни ситуации во политиката, па оттаму и скепсата дека наскоро ќе има некакво решение – вели Малески за Нова ТВ.

Радев: До Брисел само преку Софија

Претседателите на Македонија и Бугарија Стево Пендаровски и Румен Радев од Рим порачаа дека Македонија има европска иднина и дека двете држави треба да работат со уште поголема доверба и дијалог, кој треба да се води меѓу рамноправни соговорници, без потценување и со меѓусебна почит.

Радев нагласи дека Бугарија е подготовена да ги развива економските, трговските, образовните и културните врски. Според него, во разговорите за надминување на проблемот нема потреба од европски посредници, бидејќи „никој од нас подобро не ја знае нашата историја“, а нема потреба ниту од преведувачи на заедничките прес-конференции.

– Решението на проблемите зависи од нас, од конструктивниот дијалог врз историски документи и извори на кои ќе работи заедничката комисија. Комисијата ќе се занимава со историјата, но најважно е ние на високо политичко ниво да ги преземеме потребните чекори. Овие чекори не поминуваат низ другите европски метрополи и од таму во никој случај да не се врши притисок врз Бугарија. Вистинскиот чекор е еден – во Софија. Тогаш ќе се решат сите проблеми. Ние мора да бараме одржливо и неповратно решение – изјави Радев.

Заради „инциденти“ со Бугари во Хрватска се скараа премиерот и претседателот

Во Хрватска деновиве се случиле неколку инциденти поврзани со бугарски државјани, за што амбасадорката на Бугарија во Загреб, Генка Василева Георгиева ги известила надлежните органи, објави хрватскиот „Јутарњи лист“. Според пријавата на амбасадорката хрватската полиција работи на два случаја, кога таксист остро ѝ приговорил на Бугарка која влегла во неговото возило дека Бугарите водат „валкана политика кон Македонија, а доаѓаат во нивната убава Хрватска“ и ја замолил да го напушти возилото. Друга бугарска државјанка пријавила дека кон неа и сопругот некој продавач фрлал предмети викајќи дека „Бугарија ја уценува несреќна Македонија“.

Весникот наведува дека за инцидентите хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ го обвинил претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, кој минатата недела остро ја критикуваше Бугарија поради блокирањето на почетокот на преговорите за членство. Милановиќ му возврати дека тој не може да биде третиран како подбуцнувач само затоа што отворено говорел дека односот на една држава кон друга е некоректен.

– Јас мислам дека тоа однесување и исто како ние сега да им го одрекуваме правото на Бошњаците својот јазик да го нарекуваат бошњачки, затоа што тој постои како таков последните 20 години. Или да им кажеме дека можете да го викаат бошњачки, ама морате да напишете дека тоа претходно бил хрватски јазик. Е, тоа никому во Хрватска не му паѓа на памет. Затоа тоа не треба да им се прави ниту на други. Јас тоа што го имам кажано го чувствувам како свое послание, граѓанско, човечко, некој би рекол христијанско. И сега, каква врска има тоа со инциденти и напади кон Бугари – рече меѓудругото хрватскиот претседател.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот