Божиќна традиција: Уметничкиот центар „Полифонија“ ќе го изведе ораториумот „Месија“ од Хендел

Хенделовиот ораториум „Месија“ е едно од најпознатите и најчесто споделувани музички дела во историјата. Славниот композитор Георг Фридрих Хендел (1685-1759) го создал делото пред околу 280 години. Оттогаш со векови публиката во светот се собирала еднаш годишно и ја слушала неговата музика со што јавните изведби на мајсторскиот ораториум станале обред или традиција за Божиќ.

– Со идеја да се приклучиме кон светската Божиќна традиција, при подготовките за настанот, што ќе се одржи на 22 декември во фоајето на НОБ, ентузијазмот спонтано се прошири и овде, музичките уметници, концерт-мајстори, диригенти, виртуозни хорски уметници и солисти со светско реноме се обединија создавајќи музика со единство и длабочина. Вакви ретки монументални уметнички дела, кои се спој на литература од најпознатата приказна на светот и неверојатната вештина на композиторот, ни помагаат да ја споделиме универзалната култура, денешната и онаа на луѓето пред нас, со што го идентификуваме она што го култивира најдоброто и најблагородното во нас како човечки битија. Зачудувачките крешенди, уникатната виртуозност и познатите рефрени нè доближуваат кон одговор на надежите и стравовите на сите години. Не случајно оваа музика се слуша токму во времето околу Божиќ – открива Сања Шуплевска Боирал.

Уметничкиот центар „Полифонија“, раководен од Орце Ицковски, во реализацијата на концертот соработува со истакнати солисти со меѓународна кариера, како Благој Нацоски, Васил Гарванлиев, Биљана Јосифов, Надежда Рубен, хорот „Света Злата Мегленска“ под раководство на маестра Летка Димовска Полизова, ансамблот „Ин медиас рес“, а сите тие под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 61, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 19-20 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот