Божиќ Борис Бустер

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

Шкотска, Велс и Северна Ирска веќе ги заострија мерките и собирање во затворени простории и групирање на повеќе од шестмина е забрането, па масовно славење на новата таму отпаѓа. Во нашата Англија, се‘ уште имаме шанса. Ни рекоа дека до Нова Година остануваат истите правила, а нови потоа, но  засега Борис се нема огласено.

Што година ќе да беше оваа, добро што завршува. Мислам, и од аспект на глобалните случувања, како на пример пожарите, поплавите, изборите, ковидот-19, со завршницата од омикрон како цреша врз шлагот на тортата. И од другата елементарна непогода, премиерот Борис Џонсон. Видете, не сум јас единствената што сум се наострила против него па го критикувам ( во своја одбрана имам да кажам дека тоа го правам сосема оправдано и со факти, зашто се изналажа човекот). Во анкетите кои ги спроведоа агенции и медиуми, на прашањето колку добро му оди на Борис како премиер, 71% одговорија- лошо. Исто толку мислат дека тој е нерешителен, а според анкетата на ЈуГов, 61% велат дека БоЏо е некомпетентен. Само третина од гласачите на конзервативната партија мислат дека Џонсон е најдобро ќе знае да се справи со корупцијата во Парламентот, а угледот на Борис опадна на најниското ниво откако стана политичар.

Велат дека кога жените ќе престанат да поддржуваат некого, тоа било одличен показател за падот на неговата популарност. Тие знаеле кој е кој.  Е па, во лавината непопуларност за БоЏо  има  11% повеќе жени од мажи. Премиерот доби негативни оценки во се‘. Од економијата, непотизмот, брегзитот ( какво лажење и манипулации имаше тука, допрва ќе се испитува) имиграцијата, социјалата, културата… Единствената позитивна оценка беше – вакцината. Околу 80% од Британците сметаа дека вакцинирањето е светлото на 2021 година.

Бустер година

Дали навистина мина само една година откако „се случи брегзитот“? Кога холандскиот цариник му го одзеде сендвичот со шунка на британскиот камионџија на границата со Европската Унија ( нема влез за месо и месни производи и млеко и млечни производи во ЕУ от трети земји)  и со тоа означи дека сега има други правила? Како мене пред години што ми го земаа сирењето на Хитроу и на дечкото полнетите пиперки на враќање од Македонија, пред да ја доведам  вештината на шверц на млечни производи до совршенство? А годината ми ја завршија  унгарските цариници ми го запленија сиот алкохол на влез во Европската Унија зашто сега сум од „трета земја“ ? Ова беше годината во која почна масовната вакцинација на населението, прво со прва, па со втора, а еве сега и со трета, бустер доза. Година на локдауни, на носење, неносење, па пак на носење маски, изолации и самоизолации, пропаднати и успешни бизниси  ( засега повеќе оние првите). На затворени, па подотворени театри, училишта и факултети, на работа од дома и на работа и пак дома. На преполни болници, на заминати и починати пријатели, на починат принц,  на осаменост, на разочарувања…

Велам, добро е што завршува. Велат, следната ќе биде подобра. Обложувалниците тука ( а и добро информирани кругови во конзервативната партија) велат и дека постојат големи шанси Борис Џонсон  во 2022 година да го загуби и лидерското и премиерското место и тоа од „камен што ќе дојде одблиску“. И дека омикронот бил всушност добра работа, зашто, во ред, бргу се шири, ама  не бил толку смртоносен и не ги полнел толку болниците. Многумина многу  велат,   ама да се надеваме дека следната година ќе му го видиме грбот барем на ковид-19, односно на тешките варијанти и дека тоа навистина ќе биде уште еден вирус со кој ќе научиме да живееме.

И покрај зголемувањето на бројот заразени со молскавична брзина, посебно во Лондон, премиерот, реши да не го забрани Божиќ, најважниот празник во земјата и денот кога ништо не работи, ама може да се слави.. По традиција, на овој ден нема градски сообраќај, нема возови, нема продавници, освен понекое гранапче и американските синџири за кафе како Старбакс. Се чека со душа, се патува низ земјата за да се биде со семејството, се оди вечерта во црква на полноќна миса ( евентуално), утрото се отпакуваат подароците кои Дедо Мраз ги оставил под елката , во три часот попладне се гледа традиционалниот годишен говор на кралицата Елизабета Втора ( годинава за прв пат без сопругот, покојниот принц Филип ) и потоа следува семејниот ручек со печена мисирка и најмалку три вида зеленчук и преслатко слатко и семејни игри….без оглед  што сега помладите генерации сакаат суши и вегетаријанска и веганска храна ама алкохолот сепак останува заедничкиот именител, па традицијата, вака, така, опстојува.

Божиќен филинг

Но она што мене лично најмногу ми се допаѓа е – деновите потоа. Убавата атмосфера од дома се прелива и надвор. Сите се некако  позитивни и добро расположени, како  духот на Божиќ да навлегол и тоа нема никаква врска со алкохолот. Се поздравуваат на улица сосема непознати и си го честитаат празникот и си посакуваат убава и успешна нова година и убавини и среќа. Насмевки и шеги. Се разминуваме со семејство три улици подолу, прв пат се гледаме, малиот му вели на татко му „ тато, тебе нема да ти бараат доказ за тоа колку си стар во гранапот зашто веќе  ти побеле косата“,  тој вели „ете дете што ќе ти каже“ се смее тој  се смееме и ние, си честитаме Божиќ, сите фино расположени. Дури и оној намтурот три куќи подолу од нас кој редовно не‘ игнорира и знаеме дека знае од каде сме и знаеме дека не сака дојденци во ЈуКеј и гласаше за UKIP – партија за независна Британија- му се исполни желбата со брегзитот, за Божиќ ни кимна со глава, ја искриви устата во нешто што требаше да биде како насмевка и промрмори „мрикрсмс“. (Од каде знаеме за кого гласал? Пред години, кога се водеше „Битка за Британија“- референдумот за брегзит  и партиите како неговата и онаа на Фараж беа популарни,  стави налепница на прозорецот.  Што има во излогот, има и во продавницата).

Последните години и Нова Година почна да станува популарна. Ова повеќе од комерцијален аспект, нормално, па така се‘ повеќе ресторани организираат пречеци. Шкотска, Велс и Северна Ирска веќе ги заострија мерките и собирање во затворени простории и групирање на повеќе од шестмина е забрането, па масовно славење на новата таму отпаѓа. Во нашата Англија, се‘ уште имаме шанса. Ни рекоа дека до Нова Година остануваат истите правила, а нови потоа, но  засега Борис се нема огласено. Може да се види единствено во еден од рестораните  „Бил‘с“, каде за секој што ќе нарача оброк, се нуди и бесплатен коктел. Коктелот се вика Борис.

Наздравје и среќна Нова!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот