Бочварски: Законот за легализација на дивоградбите ќе се носи по Локалните избори

Благој Бочварски /Фото: МИА

Законот за легализација на дивоградбите ќе се носи по Локалните избори, најави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми извршија увид во изградбата на вториот дел од регионалниот пат Штип-Радовиш. Бочварски посочи дека во текот на вчерашниот ден Законот за легализација на дивоградбите е испратен до Владата.

– Очекувам на наредната владина седница, да биде ставен на дневен ред и да го дискутира Влада со цел да одлучи дали тој Закон веднаш ќе оди во Собрание. Не очекувам да се донесе до овие избори, заради тоа што Собранието ќе оди на пауза, којашто е загарантирана поради Локалните избори, вели Бочварски.

Министерот за транспорт и врски потенцираше дека сите барања и забелешки од страна на експертите се вметнати во новиот Закон.

– Можам да кажам дека 11 точки што беа прифатени после дополнителната дебата и после дискусијата на системот ЕНЕР, имавме дополнителни барања и оттаму еден добар процент беа вградени во ова законско решение, вели Бочварски.

Тој не изнесе детали кои забелешки се вметнати во новиот Закон, бидејќи како што вели Владата сè уште го нема усвоено, а по усвојување ќе биде препратен во Собранието, каде што очекува широка поддршка од сите партии, бидејќи со него се решаваат проблеми на граѓаните.

Прашан дали профункционира планот за размена на градежни инспектори и како Министерство планира да има контрола на терен колку објекти се градат на диво, Бочварски со одговор дека ингеренциите и контролата се во надлежност на општините.

– Секоја општина со своите инспекциски служби треба да ја контролира состојбата со новонастанатите вакви објекти, да излегува на терен и да ги санкционира ваквите градби. Но, тоа што можам да го кажам е дека денешната градба не значи дека ќе биде усвоена, тој објект ќе може да биде ставен во правна рамка, согласно новиот Закон, бидејќи предлогот е од 1 јануари 2021. Што значи дека тој рок веќе е одминат и би сакал да укажам до граѓаните да не посегнуваат по дополнително градење во овој период. Заради тоа што тоа нема да може да се стави во правна рамка, рече Бочварски.

Министерот посочи дека градежните инспектори треба да излегуваат и да работат на терен, а општините да соработуваат меѓу себе, кога станува збор за недостигот, односно немање на градежни инспектори во помалите општини.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот