Блокирано носењето на законите за отпад на собраниската Комисија за европски прашања

Фото: mia.mk

Собраниската Комисија за европски прашања денеска ја прекина седницата на која требаше да бидат разгледани во второ читање пакетот закони од областа на управување со отпад.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците со поддршка од ЛДП со 8:7 гласа „за” ги надгласаа членовите од владеачкото мнозинство за повлекување од дневен ред на предлог-законите за управување со отпад и за управување со пакување и отпад. Како што појаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ, тоа е направерно согласно барањата на здруженијата на граѓани и Иницијативата О2, со образложение дека прво е потребна широка јавна дискусија на овие теми, а потоа изјаснување во Собранието.

Од СДСМ сметаат дека блокирањето на законите е неосновано. Пратеничката од СДСМ и член на оваа Комисија Снежана Калеска Ванчева за МИА изјави дека на седницата јасно го кажале нивниот став дека поддржуваат и се залагаат што поскоро да бидат усвоени целиот пакет закони кои што се од областа на екологијата, бидејќи, вели, тие не само што се со европско знаменце, значи транспонираат европски регулативи и директиви, туку се плод на една широка дебата и дискусија и потребата која ја има нашата држава од конечно регулирање на начинот на кој што ќе се справуваме со отпадот и со заштитата на животната средина.

-Не сметаме дека има потреба од какво било одлагање и какви било дополнителни расправи затоа што овие закони се во процес на драфтирање од 2019 година, учествуваа сите засегнати страни, многу нивни предлози и забалешки беа вметнати и тие кога дојдоа до собраниска процедура, веќе сите бевме свесни што е и како е. На расправата која што ја имавме на Комисијата за европски прашања во прво читање никој не кажа дека има потреба од повторна јавна расправа, дека треба да го закочиме процесот, напротив сите беа за со тоа што како СДСМ поддржавме одредени амандмани од ДОМ за одредено подорување каде сметавме дека треба да има подобрување и особено за точката за забрана за увоз на отпад, иако законот е спреман согласно Директивата на ЕУ, но ние заклучивме дека како држава не сме доволно спремни и немаме доволно изградени механизми за да имаме вистинска контрола на увозот на отпад, вели Калеска Ванчева.

Таа дополни дека тој амандман го поддржале а го прифатило и Министерството за животна средина и самиот ресорен министер. Во однос на барањето изнесено вчера од невладините организации да се одложи читањето на законите и да се одржи уште една јавна расправа, а законите да се носат по локалните избори, Калеска Ванчева оцени дека е нелогично.

За поддршката од ЛДП на опозицијата да се симнат двата закона од дневен ред вели дека е изненадување за нив.

-Ова е изненадување за нас. Зошто се приклучија тие не дадоа објаснување ниту ни најавија нешто дека ќе имаат спротивен став. Затоа и се одложи седницата. Ќе имаме дополнителни разговори. Но ние остануваме на ставот дека законите се спремни за носење и дека се во интерес на заштита на човековата околина, Тие добија позитивни оценки и надвор и внтаре во државата, вели Калеска Ванчева.

Во следниот период очекува да бидат „испеглани работите” и дека ќе се продолжи со носење на законите.

Според ЛДП, апсолутно не станува збор за никакво надгласување, како и дека ги поддржуваат барањата на здруженијата на граѓани за организирање на јавна расправа по предлог-законот за управување со отпад.

– Како народни претставници мораме да носиме законски одредби кои ќе поминат низ една широка расправа во која ќе бидат опфатени сите засегнати страни. За нас е многу важна заштитата на животната средина и затоа сметаме дека е здраво за демократијата во Собранието да се слушне гласот на екологистите, велат од ЛДП.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот