Блинкен: Секоја повторена агресија на Москва врз Украина ќе има сериозни последици

Ентони Блинкен
Ентони Блинкен / Фото: EPA-EFE/Erin Scott

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја предупреди Москва дека секоја повторена агресија врз Украина ќе предизвика „сериозни последици”.

Предупредувањето доаѓа во услови на зголемена загриженост на Западот од акумулацијата на руски војници во близина на украинската граница.

Зборувајќи денеска на прес-конференција во Рига, каде што присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, Блинкен како „невообичаено” го оцени зголемувањето на руските војници и додаде дека „секоја ескалација на руската акција би била голема загриженост за САД”.

Теми на дводневната средба на министрите во главниот град на Летонија се дополнителната поддршка за украинската армија и потенцијалот за зајакнување на силите на НАТО распоредени долж источната граница на Алијансата.

Русија, која го презеде Крим од Украина во 2014 година и ги поддржува сепаратистите кои се борат во источна Украина, негираше дека планира напад и го обвинува НАТО за поттикнување тензии.

На состанокот на НАТО, Блинкен ќе ја нагласи силата на трансатлантските односи, континуираниот успех на НАТО во заштитата на трансатлантската заедница и посветеноста на американската администрација кон Алијансата и нејзините сојузници, се наведува во вчерашното соопштение на Стејт департментот.

Во соопштението се повторува дека посветеноста на САД на доктрината за колективна одбрана е „челична” и се забележува како Алијансата обесхрабрува и брани од широк спектар безбедносни предизвици, кои вклучуваат „ескалација на руската агресија”.

Сојузниците од собирот во Рига сакаат да му покажат на Кремљ дека ќе се соочи со големи последици доколку и се закани на Украина, без Москва да биде испровоцирана на натамошна агресија.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот