БГНЕС го објави билатералниот протокол, Османи вели дека тоа се само нацрт-заклучоци за идна средба

Бујар Османи, министер за надворешни работи во утрински брифинг / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Не е усвоен билатерален протокол помеѓу Македонија и Бугарија, а документот што денеска го објави БГНЕС е предлог-протокол, односно предлог-записник составен од бугарска страна за втората седница на меѓувладината комисија што допрва треба да се одржи.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека протоколот треба да е записник од средбата на меѓувладината комисија меѓу Македонија и Бугарија која е предвидена во член 12 од Договорот за добрососедство.

– Досега меѓувладината комисија има одржано само една средба во 2019 година и тогаш е усвоен протокол. Ако има нова средба, тогаш може да има нов протокол – вели Османи за „Слободен печат“.

БГНЕС денеска го објави предлог-записникот од идната средба, наведувајќи дека тоа е билатералниот протокол за спроведување на Договорот за добрососедство што треба да го потпишат Софија и Скопје, но кој евентуално ќе претрпи уште некои измени. Медиумот коментира дека францускиот предлог за решавање на спорот се состои од три независни елементи – нацрт-заклучоците на Советот на ЕУ, преговарачката рамка и билатералниот протокол, кој практично бил патоказ со конкретни заложби и чекори што Скопје мора да ги исполни за да се укине ветото.

– Иако недоволен, билатералниот протокол ја прави историјата услов на преговарачкиот процес. Пред свикувањето на Првата меѓувладина конференција, Скопје се обврза да ја усвои веќе усвоената формулација од Заедничката историска комисија во врска со цар Самуил како бугарски крал, веднаш да ги смени знаците и натписите на неговите споменици и на Самуиловата тврдина во Охрид. Предвидено е и веднаш да се смени текстот за цар Самуил во учебникот за седмо одделение, а лекцијата да ја отслика новата формулација во согласност со постигнатиот компромис. Билатералниот протокол предвидува на сличен начин да се решаваат и други спорни историски теми – пишува БГНЕС.

Меѓудругото, се предлага новиот натпис на Самоиловата тврдина да биде откриен на заедничка свеченост со претставници на двете земји.

Медиумот го објави целосно нацрт-записникот од идната средба со четири точки на дневен ред – преглед на постигнатите резултати по Договорот за добрососедство, годишен извештај за работата на Заедничката историска комисија, усвојување насоки за спроведување на Договорот и потпишување на записникот.

Во врска со работата на историската комисија се наведува дека има мал напредок постигнат за цар Самуил и за богомилската ерес, што е незадоволително, па двете страни ја охрабруваат да ги интензивира своите активности и да постигне јасни резултати, врз основа на ригорозна научна дебата и да презентира факти и настани од заедничката историја. Се предвидува сите договорени работи од историската комисија во рок од две години треба да се вклучат во наставните програми, учебниците, натписите на спомениците, плакетите, информативните материјали во музеите и на други локации од образовно и културно значење, како и во електронските информативни досиеја со јавна сопственост.

Во врска со идните насоки во заклучоците се вели дека Бугарија ќе се согласи да почнат преговорите со ЕУ откако Македонија во својот Устав ќе ги вклучи оние нејзини граѓани кои се дел од бугарскиот народ.

„Владата на РС Македонија ја потврдува заложбата дека ништо во Уставот не може или не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Бугарија со цел да се заштити статусот и правата на не-државјаните на РС Македонија. Владата на РС Македонија да ѝ достави на Бугарија копии од сите методолошки упатства, учебници, наставни средства и други релевантни наставни материјали во образовната програма, во согласност Програмата за соработка во образованието“, се вели меѓудругото во нацрт-заклучоците.

Во врска со говорот на омраза страните ја потврдуваат својата посветеност да преземат акција против говорот на омраза и ги назначуваат двете МНР како контакт точки за заедничка идентификација на такви случаи во натписите на јавни згради и споменици, текстови во учебници и во медиумите.  

„Двете страни да обезбедат државното финансирање за нови книги, документарни филмови, списанија, филмови и други уметнички дела, културни споменици и прослави да се спроведува во духот на Договорот за пријателство. Во овој контекст кој било субјект финансиран од државата, со експлицитна и обврзувачка изјава ќе потврди дека ќе посвети соодветно внимание на прашањето за неприфаќање на сите форми на говор на омраза и непочитувањето на оваа обврска ќе биде основа за суспензија и враќање на доделеното државно финансирање“,  се предлага во заклучоците.

Во врска со рехабилитацијата на жртвите на комунистичката репресија владата на Македонија треба да го осуди и да се извини за неправдите и репресиите извршени од југословенскиот комунистички режим врз граѓаните врз основа на нивното етно-политичко самоопределување.

„Владата на РС Македонија изјавува дека ќе ја создаде потребната сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните државни безбедносни служби од времето на комунизмот, вклучувајќи полиција, цивилно и воено разузнавање и контраразузнавање во 1945-1991 година. Оваа сеопфатна законска рамка ќе создаде јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, истражување, право на користење, објавување и институционално чување и зачувување на релевантните документи. Бугарија изјавува дека веќе обезбедила и ќе продолжи да обезбедува пристап до архивите на репресивниот апарат на поранешните државни безбедносни служби од времето на комунизмот, со што се создаваат јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, истражување, право на користење, објавување и институционално чување и чување на релевантни документи“ се вели меѓудругото во документот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот