Бесплатна вакцинацијата против грип за пензионерите и хронично болните

Министерство за Здравство/ Фото Архива на Слободен печат

Вакцинацијата против грип ќе почне идниот месец, што е оптимално време, бидејќи во земјава пикот на вирусот се очекува кон крајот на јануари и почетокот на февруари, информираат за МИА од Министерството за здравство.

Министерството за здравство по пат на јавна набавка, што е во тек, за годинава ќе обезбеди 28.000 дози вакцини против сезонски грип. Со тие вакцини бесплатно ќе може да се вакцинираат пензионерите, хронично болните, трудниците и децата со намален имунитет. Дополнително преку центрите за јавно здравје ќе бидат обезбедени 21.000 комерцијални вакцини за кои граѓаните ќе плаќаат. Најмногу дози вакцини ќе има во Центарот за јавно здравје во Скопје.

Од Институтот за јавно здравје информираат дека уште 10.000 вакцини преку донација ќе има за имунизација на здравствените работници во државава.

Во извештајот што на својата веб страница го објави Институтот се наведува дека 13 нови случаи на грип се регистрирани изминатата недела (од 7 октомври до 13 октомври), што е зголемување во однос на неделата пред неа кога беа регистрирани четири случаи.

Во сезоната 2019/2020 вкупниот број заболени од грип изнесува 17, што е за 10,5 отсто помалку споредено со истиот период минатата година кога биле регистрирани 19 заболени лица. Најголем број заболени – седум се регистрирани во Центарот за јавно здравје Тетово, највисока инциденца се бележи во Центарот за јавно здравје Штип (5,7 на 100.000 жители), а најниска во Центарот за јавно здравје Скопје (0,3 на 100.000 жители), стои во извештајот.

Вакцинацијата е една од најважните превентивни мерки за заштита на здравјето на луѓето. Вакцината против сезонски грип создава имунитет по 14 дена од вакцинација, кој трае околу осум до десет месеци. Согласно препораките на Светската здравствена организација и Програмата за имунизација за годинава, во категоријата ризични групи се опфатени бремени жени во кој било период од бременоста, деца на возраст од шест месеци до пет години, лица над 65-годишна возраст, лица со хронични заболувања, како и лица сместени во геронтолошки центри и вработени во овие центри и здравствени работници, информираат од Министерството за здравство.

Минатата сезона во државава повеќе од 20.000 граѓани беа заболени од грип, а 29 починаа од компликации од вирусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот