Бесими: Фискално гледано нема основ еколошката такса да се гледа како кризен данок

Фатмир Бесими / Фото: Министерство за финансии

Во земјава постои консензус меѓу власта, опозицијата и бизнис заедницата дека е време да се дизајнира моделот на еколошки давачки и да се донесат. Дилема и дискусија постои дали ваквите средства ќе се инвестираат за еколошки проекти и дали токму сега е тајмингот за нивно воведување, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.

За обвинувањето од опозицијата дека еколошката такса за фосилните горива во суштина е кризен данок, Бесими во емисијата „10 минути” на ТВ 21 рече дека кризен данок се воведува за сите трансакции во земјата, како што беше во 2001 година, а сега, додаде, е таргетиран само за нафтените деривати.

-Фискално гледано нема основ за таква претстава за еколошката такса. Инфлацијата што би се предизвикала од неа останува во рамките на проекциите и нема да предизвика инфлаторна спирала. Важно е што овие средства ќе бидат за зелената агенда и за проекти што значат енергетска ефикасност, обновливи извори за енергија и подобрување на животната средина по сите програми и основи, рече Бесими.

При донесувањето на ребалансот на Буџетот, Бесими очекува да има суштинска расправа со конструктивна дебата, предлози и сугестии и не очекува да има опструкции од опозицијата зашто, како што вели, сите исто ќе ги почувствуваат придобивките или последиците  од економската криза.

-Дебата очекувам, но не очекувам блокада. Станува збор за ребаланс за зајакнување на инвестиции, економска поддршка и заздравување од Ковид-19. Причина за ребалансот се зголемените приходи, кои се поголеми од предвидените во Буџетот. Со ребалансот го зголемуваме учеството на капиталните расходи во Буџетот од 9,4 на 11,3 проценти што е највисока стапка во последната декада, рече Бесими.

Нагласи дека со ребалансот се предвидени повеќе средства за секторот здравство, пари за набавка на вакцини и дополнителни 100 милиони евра во програмата на Влада за поддршка од Ковид -19.

Посочи дека со ребалансот е предвидено дека во Буџетот ќе има 1,1 милијарда денари помалку од намалувањето на ДДВ-то за електричната енергија од 18 на 5 отсто.

-Од тој аспект нема да има проблем за остварување на оваа мерка со која се помага во транзицискиот период за смалување на ценовниот шок што се предвидува за преминување од регулиран на слободен пазар претежно кај домаќинствата, потенцира Бесими

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот