Белградскиот писател Бранко Росиќ ќе го промовира својот нов роман во „Буква“

Во организација на Српскиот културно информативен центар „Спона“, на 14 септември (среда), во кафе-книжарницата „Буква“ (со почеток во 19 часот), белградскиот писател, новинар и музичар Бранко Росиќ ќе го промовира својот трет роман „Доаѓањето на матадорот“, објавен летово во издание на издавачката куќа „Лагуна“ од Белград.

– За „Матадорот“ една од хероините ја најдов на улица. Шетав низ градот Руан во Нормандија, и здогледав една убава питачка, која беше толку убава што во секој момент комотно можеше да стане и да оди на некоја модна ревија. Се прашував што ја натерало една толку убава и млада девојка да капитулира и да се предаде на питачењето и на животот на бездомник. На стотина метри од таму било местото каде што жива била запалена Јованка Орлеанка. Зад аголот имаше големи демонстрации на „жолтите елеци“… И почнав да замислувам… Од таа бездомничка направив нова Јованка Орлеанка, која ја тресе Европа, и на крај неа и нејзиното момче ги јаде самата револуција, што тие ја предизвикаа. Тоа е само дел од приказната… – открива Росиќ зборувајќи за својот најнов роман.

Актуелниот роман „Доаѓањето на матадорот“ не е единствената причина „Спона“ да го покани Бранко Росиќ во Скопје. Постојат работи што може да се подведат под „минат труд“, а пред сѐ, тука се неговите претходни книги: „За утре најавуваат конечно разведрување“, по која наскоро ќе се снима ТВ серија, и првиот роман „А така добро почна“, како и потсетување дека неговата панк група од 80-тите, „Урбана герила“ беше оазата од која во свет се „одметнаа“ и писателот Владимир Арсенијевиќ, и сликарот Урош Ѓуриќ, но и легендарниот Цане од „Партибрејкерси“…

Фотографија: Небојша Бабиќ

Росиќ на пошироката јавност, особено во Македонија, најмногу ѝ е познат по неговото новинарско делување и по успешното вршење на функцијата заменик Главен и одговорен уредник на популарниот магазин „Недељник“.

Во биографијата на Росиќ еден детаљ блеска со посебен сјај. Тоа е медалот на Британската Империја, добиен лично од кралицата Елизабета Втора, за промовирање и подобрување на културните врски меѓу Британија и Србија.

На промоцијата во „Буква“, која ќе ја води новинарот Иван Беќковиќ, освен за актуелниот роман на Росиќ, ќе се зборува и за неговите претходни книги, а посетителите бесплатно ќе добијат и примерок од магазинот „Недељник“, кој Бранко го уредува.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 145, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11 септември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот