
Белата куќа започна отпуштања на федерални работници
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп започна со масовни отпуштања на федерални работници, потврди портпаролот на Канцеларијата за буџет на Белата куќа.
Препорачано
Американската здравствена агенција потврди дека дел од нејзините вработени добиле известувања за отказ, а и Министерството за финансии било информирано за почетокот на процесот, пишува АП.
Овој потег доаѓа во услови на затворање на федералната влада. Трамп претходно најави дека ќе отпушта федерални работници за време на блокадата и најави дека ќе ги таргетира „демократските агенции“.
Белата куќа, исто така, нареди замрзнување на најмалку 28 милијарди долари од инфраструктурното финансирање за Њујорк, Калифорнија и Илиноис, држави со мнозински демократски гласачи и чести критичари на неговата администрација.
Иако Републиканците имаат мнозинство во двата дома на Конгресот, Сенатот сè уште не го изгласа предлог-законот за привремено финансирање, бидејќи потребни се најмалку седум демократски гласови. Демократите, пак, бараат да се прошират субвенциите за здравствено осигурување.
Во моментов, стотици илјади федерални работници се принудени да останат дома поради затворањето на владата. Според проценките, околу 300.000 цивилни службеници би можеле трајно да ги изгубат своите работни места во рамките на кампањата на Трамп за намалување на државната администрација.
Синдикатите кои ги претставуваат федералните работници веќе поднеле тужби со цел да го спречат процесот, тврдејќи дека отпуштањата за време на блокадата се незаконски. Федералниот судија ќе го разгледа случајот на 16 октомври.
Законот предвидува владата да достави известување 60 дена пред отказ, иако рокот може да се скрати на 30 дена во исклучителни околности.