Бектеши за фотографиите на платформата „Дома си е дома“: Ние се извинивме, сликата е сменета (ВИДЕО)

Министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција на одговор на новинарско прашање за скандалот со фотографиите на платформата „Дома си е дома“ рече дека веќе се извиниле за грешката, како и дека целта на истата е информирање на граѓаните.

Симболиката беше да дадеме пример, но истовремено и порака дека иако немаме море во нашата држава, имаме планини, езеро. Фотографијата е веќе сменета. Во моментот работиме на дополнителни фотографии од нашите туристички дестинации, а годинава ќе имаме прилика и речиси неделно да ги менуваме фотографиите. Ако е направена намерна грешка, секако дека ќе има одговорност, рече министерот.

Целта на Платформата, објасни Бектеши, не е промоција на домашните дестинации, туку транспарентност – граѓаните што полесно да имаат увид дали добиле ваучери и во кои хотели или угостителски објекти може да ги користат.

Бектеши го оправда и го пофали Секторот за туризам, изразувајќи му јавна благодарност зашто ја искреирал Платформата за само десет дена, невремено, иако воедно одговора и на 30.000 мејлови пристигнати од граѓаните. Човечки е, според министерот, да се прават грешки и не треба да се гледа само на негативната страна.

-За фотографијата веќе се извинивме, а за грешката ќе ги разгледаме сите можности и ако е намерна, ќе има одговорност. Секторот има знаење и работи професионално, а грешки може да се случат. Да не ја гледаме само негативата, туку и позитивната страна. Во моментов Секторот одговара на 30.000 меилови за да им излезе во пресрет на граѓаните и работи на транспарентно издавање 117.000 ваучери. Ги знам луѓето кои раководат со него и не би се согласил дека некој од нив знае или не постапува согласно задачите што ги има. Токму овој Сектор е заслужен за многуте програми во претходните години кои резултираа со зголемен број странски и домашни туристи, напомена Бектеши.

Платформата „Дома си е дома” осамна со насловна фотографија од езерото Кенигсе во Германија. Освен авторот на фотографијата Симон Мигај кој прв реагираше, на социјалните мрежи имаше и голем број критики, па и шеговити и саркастични коментари и постови од наши граѓани за направената грешка. По ова, Министерството за економија ја смени фотографијата со пејзаж од Охрид. Во соопштение до медиумите се извини и објасни дека превидот е направен зашто, наводно, фокусот во тој момент бил ставен на функционалноста на Платформата со цел ваучерите да бидат испорачани навреме.

-Фотографијата која е употребена на платформата „Дома си е дома” е преземена со сите авторски права, а во текот на денов ја заменивме со нова фотографија од домашна туристичка дестинација, соопшти Министерството за економија пред два дена.

Бектеши исто така изјави дека ДПИ работи во насока на намалување на сивата економија со инспекции во угостителски објекти. Граѓаните кои имаат добиено ваучер ќе може да ги користат картичките во регистрирани објекти кои издаваат фиснални сметки, во спротивно инспекциите ќе постапуваат според законот.

Проследете го целото обраќање министерот за економија Крешник Бектеши:

Сликата од Германија заменета со домашна, срамот остана

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот