Сликата од Германија заменета со домашна, срамот остана
Платформата „Дома си е дома“ објави насловна слика, која набргу се откри дека е од езерото Кенигсе во Германија. По ова, оправдано „експлодираа“ социјалните мрежи со критики за тоа како домашниот туризам се рекламира со фотографија од странство, а не изостанаа и шеговитите постови каде наши сограѓани ставаат фотографии од егзотични предели со коментар дека тоа е погледот од нивната тераса. По овие бурни реакции, Министерството за економија ја смени сликата со пејзаж од Охрид.
Ова е епилогот од скандалот со сликата од странство. Но, „Слободен печат“ го праша Министерството за економија, дали некој ќе одговара за направената грешка, а оттаму ни одговорија дека Министерството за економија во моментот на поставување на сликата било фокусирано на функционалноста на платформата, за да може ваучерите навреме да стигнат до граѓаните. Оттаму појаснија и дека во Министерствто за економија надлежен бил Секторот за туризам и угостителство.
– Сликата поставена на платформата е веќе сменета и за грешката Министерството за економија им се извинува на граѓаните. Сакаме да потенцираме дека истата е ставена само како природа која немаше цел да се промовира или да назначи одрена дестинација во Република Северна Македонија (…) Платформата ќе биде дополнително доградена со промотивен дел, односно со слики и податоци за туристичките потенциали на Република Северна Македонија кои што граѓаните ке можат да ги посетат – ни одговорија од Министерството за економија.
Првиот човек на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски појасни дека Агенцијата, иако ја води кампањата „Дома си е дома“, не е задолжена за изработка на сајтот.
Сликата од странство го разлути и него и тој на фејсбук објави дека за четири денови тимот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот поминала 1.300 километри низ Македонија, снимени се четири дестинации, претставени се 35 атракции и и поминати се повеќе од 60 часа работа на терен.
„Не чекаат уште шест видео записи, многу километри, часови теренска работа за кампањата која успеа да обедини многу нешта а многумина се кратковиди да го видат тоа. На секој што му се потребни фотографии за промотивни цели, АППТ секогаш била и ќе остане отворена да отстапи промотивни материјали, со познат автор и отстапени права за користење“, напиша денеска Јаневски.
Чија е сликата пак, си откри самиот автор, Симон Мигај на својот инстаграм профил:
„Смешна неделна приказна. Ја објавувам оваа слика слободно на интернет и сега завршува на чудни места. Моментално Владата на Македонија одлучи да ја искористи за промоција на нивниот туризам и Македонците се обидуваат да откријат каде е ова место. Инаку ова е езерото Konigssee во Македонија, умирам од смеење“, пиша авторот на фотографијата на стори од Инстаграм.
Министерството за економија пак, објави дека сликата е преземена со сите авторски права.
Во меѓувреме, авторот на фотографијата Симон Мигај сподели уште една објава и напиша:
– Ја реобјавувам оваа фотографија бидејќи доаѓа со интересна приказна и сакам да ја истакнам за да нема конфузија околу тоа што се случи.
Владата на Македонија започна кампања за поттикнување на нивниот туризам и оттаму одлучија да ја употребат токму оваа фотографија на нивниот вебсајт. Јас поодамна ја ставив оваа фотографија на интернет за секој што сака да ја користи, бесплатно, така што тие не прекршија ниту еден закон, но оваа фотографија беше направена во Германија, а не во Македонија. За жал, поради тоа станаа мета на критика на социјалние медиуми. Моите импресии на сето ова беа и се многу позитивни. За жал вебсјатот на кој оваа фотографија е употребена е на македонски, па морам да се потрпам на онлајн-преведувач, но доколку не сум грешка, оваа фотографија се користи за да се промовира владината помош за поттик на туризмот во Македонија, за што јас мислам дека е одлична работа, особено во овие тешки времиња. Малку е несреќно што токму оваа фотографија е употребена за владината помош, но она што јас го забележав е дека Матка изгледа навистина слично со локацијата на фотографијата, па мислам дека и оттаму настанала конфузијата. Уште еднаш сакам да истакнам: Одлично е што оваа фотографија е употребена и ја поддржувам каузата 100%. Жалосно е што некој ја избрал конкретно оваа фотографија, а не некоја од Македонија за целта. Како што го објавувам ова, драго ми е што на владиниот сајт фотографијата е ажурирана со фотографија од Македонија и изгледа дека се е во ред на крајот.
Се надевам дека овој публицитет ќе придонесе до повеќе внимание за оваа прекрасна земја и сите прекрасни луѓе таму, кои ми покажаа многу љубов и поддршка изминативе денови!