Банките излегоа со вонредни кредити, но со редовни камати

денари
Денари / Фото: Архива на Слободен печат

Народната банка два пати ја намалува основната каматна стапка. Некаков брз одговор на ова намалување, банкарите не дадоа за каматите на кредитите. Сепак, променливите каматни стапки кои во себе ја вклучуваат основната камата, ветуваат дека каматите ќе бидат пониски.

Банките излегоа со понуда за кредити за граѓаните во вонредни услови. Тие овозможија пониски износи на кредити, посоодветни рокови на отплата, некои дадоа период на одложено плаќање на ратите, овозможија обработка на податоци без административни трошоци, но пониски камати во однос на претходниот приод не може да се забележат, иако Народната банка излезе со многу поволности се со цел да има повеќе кредити за населението и за стопанството и со пониски камати.

Покрај веќе намалената основна каматна стапка во март, Народната банка дополнително, во средата ја намали основната каматна стапка за уште 0,25 процентни поени, со тоа што сега таа изнесува 1,5 проценти. Некаков брз одговор на ова намалување, банкарите не дадоа, но останува да се види дале некоја банка ќе соопшти дека ја намалила каматата за населението како одговор на интервенцијата на Народната банка. Но, променливите каматните стапки се врзуваат со референтната каматна стапка што ја објавува Народната банка, така што со нејзиниот пад и тие се намалуват.

„Слободен печат“ ги разгледа најновите понуди на банките.

Комерцијална банка сега нуди потрошувачки кредити до 1,5 милиони денари, потрошувачки кредити за пензионери до 100.000 денари, кредит врз онова на залог на денарски депозит и станбен денарски кредит, а во мирување стави повеќе видови на кредити, меѓу кои и автомобилски кредит и потрошувачки кредит до 30.000 евра. Потрошувачкиот кредит што сега се нуди преку оваа банка од 10.000 денари до 1,5 милиони денари е со фиксна каматна стапка од 5 проценти во првите две години и потоа со 6,5 проценти годишна променлива стапка, а можен е грејс период со плаќање на камата од 6 месеци. Колку за споредба, според објавените  креидите во мирување, постоела можност за ненаменски потрошувачки кредит со девизна клаузула до 30.000 евра за оние што се вработени на неопределено и до 15.000 евра за оние што работатат на определено. За оние кои примаат плата преку банката, каматата е фиксна првите две години и е 4,9 проценти годишно, а за преостанатиот период на отплата е со променлива камата од 5,9 проценти.

И во Стопанска банка има промотивен потрошувачки кредит до 1,5 милиони денари, како што велат, со можност за одобрување за 30 минути. Таму каматата е фиксна – 5,5 проценти за првата година, но со купување на полиса за животно осигурување, или пак 5,75 проценти фиксна камата за кредити со осигурување од незгода.

Во Стопанска банка, пак се уште како активни стојат и големите потрошувачки кредити до 200.000 евра обезбедени со депозити, или до 80.000 евра обезбедени со хипотека.

Во НЛБ банка има промотивна понуда, според која каматата е фиксна во првите 35 месеци. Според поставениот калкулатор за пресметки, каматата за кредит од 600.000 денари на 60 рати е 7,61 проценти. Вкупно камата што ќе треба да се плати е 123.240 денари, а месечната рата е 12.054 денари.

Во последниот извештај на Народната банка пишува дека „кредитната активност на банките ќе биде главно под влијание на оцените за изворите на финансирање и согледувањата за ризик; поголема фокусираност на реструктурирањето на постојните кредитни изложености – мерките на Народната банка и поволните кредити од Развојната банка се со ублажувачки ефекти од кризата“.

Народната банка информираше дека во првото тримесечие депозитите се зголемиле за 7,9 проценти, а дека кредитниот раст е 5,8 проценти.

„Но, се очекува забавување на депозитниот раст со што би изнесувал 2,3 проценти а кредитниот на 3 проценти оваа година, а потоа постепено забрзување со што растот би достигнал до околу 8 проценти, односно 7 проценти, соодветно, на среден рок“, пишува во извештајот на Народната банка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот