Австрија забрани директни летови и туристички посети од Британија поради индиската мутација на коронавирусот
Австрија забрани директни летови и туристички посети од Велика Британија поради индиската мутација на коронавирусот која се шири на островот, јавија светските агенции повикувајќи се на Министерството за здравство во Виена.
Велика Британија синоќа беше додадена на списокот на Австрија на „земји каде се шират варијанти на коронавируси”, заедно со Индија, Бразил и Јужна Африка. Посетите од овие земји се дозволени само во ограничен број случаи, се вели во соопштението на Министерството.
– Општо, само австриските државјани и лицата кои се жители или имаат престој во Австрија можат да влезат во земјата, соопшти Министерството, додавајќи дека посетите исто така ќе бидат дозволени од хуманитарни причини и во име на националните интереси.
Правилата за посетите стапуваат во сила денеска, но забраната за директни летови ќе стапи во сила од 1 јуни.