Австралија гори, светот е во паника, политичарите на одмор

За време на божиќните празници, кога од Австралија можеа да се прочитаат застрашувачки приказни за луѓе кои не можат да дишат од пожарите, во време кога Канбера се води како град со најзагаден воздух во светот, тамошниот премиер Скот Морисон, одлучи да си ја „одмори“ душата и да оди на Хаваите.

Ако постои нешто што во вистинска смисла ги поврзува филмовите и реалноста, тоа е дека во најголемата мака секогаш навидум „обичните“ луѓе се најголемите херои – докторите, пожарникарите и други, зависно од тоа за каков проблем се работи.

Таква е и актуелната ситуација со Австралија. Додека земјата гори и сите очекуваат реакција од политичарите, на терен се пожарникари – и тоа околу 3.000 од нив кои секојдневно се борат со огнената стихија и апокалиптичните сцени од кои е запрепастен цел свет.

Интересен е податокот дека најголемиот број од нив се водат како доброволци. Некои се на терен за да ги спасат сопствените животи, а други за да им помогнат на животните, како и на оние луѓе чиишто животи се доведени во опасност.

Разорните пожари во Австралија во последните неколку месеци опустошија три сојузни држави, загинаа 24 лица, уништени се околу 2.000 домови, а повеќе десетици илјади луѓе се евакуирани, со помош на луѓе од армијата, резервисти, кои се испратени на терен од страна на тамошните власти.

Покрај човечките животи, најголема грижа сега претставува и животинскиот свет. Слики од животни како горат живи или едвај успеваат да избегаат од огнот, навистина болат.

Дури 480 милиони животни се водат како загинати, од кои околу 8.000 коали, а експертите велат дека одредени животински врсти би можеле засекогаш да исчезнат како последица на страшните пожари.

Сето ова ја разбранува како домашната, така и светската јавност, па помош почна да стигнува од сите страни. Веќе речиси и никој не зборува за тоа дали човечкиот фактор или климатските промени довеле до пожарите, најважно е да се помогне – да се спасат што повеќе животи.

И додека Комонвелтот оддели дополнителни 20 милиони американски долари за справување со оваа вонредна ситуација, граѓаните и натаму се разочарани.

За време на божиќните празници, кога од Австралија можеа да се прочитаат застрашувачки приказни за луѓе кои не можат да дишат од пожарите, во време кога Канбера се води како град со најзагаден воздух во светот, тамошниот премиер Скот Морисон, одлучи да си ја „одмори“ душата и да оди на Хаваите.

Овој потег на премиерот предизвика огромен револт кај тамошните жители, кои без разлика на тоа што беше одделена дополнителна сума на пари, беа испратени бројни резервисти на армијата да помагаат при евакуацијата, сепак ги обвинија властите за бавна реакција, а премиерот Морисон дури беше соочен со обвиненија дека сето она што го направил го искористил за лична промоција на социјалните мрежи.

Оттука се наметнува и друго прашање – ако веќе некој се прави слеп пред сите грозоморни настани во сопствената држава, зарем апокалиптичните слики од крваво небо, животни во оган и луѓе кои безнадежно бараат помош, кои кружат на социјалните мрежи, не се доволни да разбудат нечија совест?

Поради бурните реакции во јавноста, Морисон беше присилен порано да се врати од одмор, по што одлучи да посети многу семејства погодени од оваа катастрофа.

Сосема очекувано, за време на овие посети, многу луѓе одбија да се ракуваат со Морисон, тој не доби „топол“ пречек како што веројатно очекувал, а дури и они кои се поздравиле со него го предупредиле  за бавната реакција и го изразиле своето незадоволство.

Од сите овие настани повторно гледаме дека политичарите без разлика на тоа што светот пред нив буквално се руши, не реагираат, туку слепо ја следат својата агенда, без речиси ниту да мрднат со прст за да му помогнат на својот народ.

Додека вистинските херои се на терен, тие и во најужасните моменти продолжуваат со своите ветувања, а за жал дури и ако воопшто преземат некаков потег, тоа веднаш го користат за своја промоција и пофалба на социјалните мрежи.

Едноставно, светот повеќе нема никаква корист од политичари кои продолжуваат да ја игнорираат реалноста, актуелните проблеми како што е глобалното затополување кои ја доведуваат нашата планета во сѐ поголема опасност.

Доаѓа време кога е потребно на сцена да стапи нова генерација на лидери, која вистински ќе ги искористи сите можни ресурси за спас не само на Австралија во моментов, туку и за спас на целата наша планета од реалниот проблем кој го создаваат климатските промени и глобалното затоплување.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот