Атанасоски за СП: Зарем Бугарите се Грци штом некогаш официјален јазик им беше грчкиот?

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Политикологот и историчар Благојче Атанасоски вели дека е поборник да се говори историската вистина и дека македонската историографија сокрива факти кои не ни одат во прилог, но за оние настани за кои зборува поранешниот премиер Љубчо Георгиевски не може да се гледа „здраво за готово“ благодарение на фактографијата.

– Во тој период Бугарија била меѓународно признаена држава со свои институции и образовни установи. Меѓудругото, бугарската егзархија имала свои училишта во македонските градови и голем дел од нашите револуционери добиле формално образование во овие бугарски школи. Но, се поставува прашањето дали имале друг избор! Точно е дека голем дел од војводите биле и учители во бугарските училишта, но тоа не значи дека се чувствувале за етнички Бугари. Во душата на никој не можете да му влезете, а еклатантен пример е таткото на македонскиот јазик и нација Крсте Петков Мисирков, кој во своето епохално дело ,,За македонците работи“ констатирал дека ,,можеби не сме Македонци, но не сме ни Бугари, ни Срби, ни Грци“, луцидно алудирајќи дека треба да изградиме македонска национална свест со создавање на посебен кодифициран јазик, вели Атанасоски за „Слободен печат“.

Во врска со јазикот Атанасоски вели дека официјалниот јазик е нормиран дијалект и дека секоја посебна држава со политичка одлука кодифицира и стандардизира некој дијалект како официјално писмо и јазик.

– Нормално било дека со создавањето на македонската држава во 1944 година ќе се создаде посебен македонски јазик, како што денес се создаваат посебни црногорски, хрватски, па дури и босански јазик. И во периодот кога Бугарија била слободна со институционализирана егзархија на нашата почва, што е толку ,,необично“ ако во официјалната коренспонденција помеѓу македонските организации се општело на нормираниот бугарски јазик. Некогаш и во неслободна Бугарија грчкиот јазик бил официјален, односно јазик на ,,писмените“ и „богатите“. Па зарем тоа значи дека Бугарите се одродени Грци?!, вели Атанасоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот