Арсовска планира спомениците на Ќосето и на генерал Апостолски да бидат „први соседи“

Пред три месеци Арсовска првпат соопшти дека поднела иницијатива до Советот на Град Скопје за повторно поставување на споменикот, со став дека нема да дозволи споменикот на македонскиот револуционер да ‘рѓосува по магацини.

Градоначалничката Данела Арсовска не се откажува од идејата во Скопје повторно да биде поставен споменикот на Ќосето, кој пред пет години преку ноќ беше отстранет од ексградоначалникот Петре Шилегов од пред судовите, со образложение дека станува збор за дивоградба.

Советниците на Град Скопје на седницата што треба да се одржи в понеделник, на 27 ноември, треба да одлучат дали ќе ја усвојат одлуката за изменување на Одлуката за подигање, чување, одржување, заштита и користење на спомен-обележје на Андон Лазов Јанев-Ќосето, за што еднаш веќе се изјаснија негативно.

Овој пат, се предвидува споменикот наместо кај судовите да биде поставен во близина на Ист Гејт, односно како што се прецизира во предлог-одлуката „на крстосницата на булевар Александар Македонски со улица Беласица, на триаголникот североисточно од кружниот тек“.

Како што е познато, токму на средината на овој кружен тек е поставен споменикот на генерал Михајло Апостолски, а доколку се усвои одлуката, во непосредна близина „друштво“ би му правел споменикот на Ќосето.

 Спомен-обележјето на Андон Лазов Јанев-Ќосето, беше поставено во Скопје, на крстосницата на булевар Гоце Делчев и булевар Крсте Мисирков, на аголот кај Судска палата (комплекс судови) со Одлука на Совет на Град Скопје бр. 07-4860/1 од 14 јули 2014 година. Тоа беше дислоцирано од Општина Центар и Град Скопје го чуваше во депо – се вели во образложението на предлог-одлуката.

Понатаму, во образложението се објаснува дека Град Скопје поднел барање за поставување на спомен-обележјето до Општина Центар, по што е добиен одговор дека барањето се одбива со образложение дека според Законот за меморијалните споменици и спомен-обележјата, спомен-обележје можат да подигаат општините, градот Скопје и општините во градот Скопје.

Пред три месеци Арсовска првпат соопшти дека поднела иницијатива до Советот на Град Скопје за повторно поставување на споменикот, со став дека нема да дозволи споменикот на македонскиот револуционер да ‘рѓосува по магацини.

Станува збор за исклучително важна историска личност и еден од најголемите македонски револуционери чиј споменик неправедно и шверцерски беше отстранет од претходното градско раководство. Нема да дозволиме споменикот на македонскиот револуционер да ‘рѓосува по магацини, затоа апелираме час поскоро оваа точка да биде ставена на дневен ред во Советот на Град Скопје и веднаш да биде изгласана. Ова е уште еден начин да ја исправиме неправдата и да се оддолжиме на луѓето што го дале својот живот за независна и суверена Република Македонија, да ги паметиме и чествуваме хероите од кои ниту еден не смее да биде заборавен – соопшти тогаш градоначалничката.

Градоначалничката Арсовска на неколкупати досега најави дека планира да го врати споменикот на Ќосето на градските улици на место каде што му доликува на еден според неа важен историски лик. Дали овој пат ќе најде заеднички јазик со советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои се мнозинство во градскиот Совет, ќе се види в понеделник, зашто токму оваа партија беше најгласна во изминатите години за враќање на споменикот на Ќосето во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот