Арсовска остана без нови автобуси, Советот не даде дозвола да се купат со заем од банка
Советот на Град Скопје не го прифати предлогот на градоначалничката Данела Арсовска за купување нови еколошки автобуси преку долгорочено кредитно задолжување во некоја од домашните банки за сума од 620 милиони денари, односно околу 10 милиони евра. За предлогот гласаа 15 советници, еден беше против, а 18 воздржани, што не беше доволно за изгласување таква одлука.
Арсовска бараше согласност од Советот за набавка на еко-автобуси со кредит кој би се отплаќал со пари од градскиот буџет, но условите и начинот на користење на заемот би биле познати дури откако ќе стигнат понудите од банките и откако би се избрала таа што нуди најдобри услови.
Не беше прецизирано ниту колку автобуси би можеле да се купат со тој кредит, ниту од кој производител, што за многумина од советниците беше причина да се воздржат од давање поддршка на предложената одлука.