АНАЛИЗА: Јавните претпријатија имаат преголеми расходи и премногу вработени

фото: Слободен печат

ЈП Водовод и канализација, во периодот од 2015-2018 година, сметките од граѓаните и претпријатијата  во просек ги наплаќало за 1.661 ден, додека средствата кои ги поседува ЈП Национални шуми, со профитот кој го има, би се обновиле за неверојатни 944 години, а вложениот и заработениот капитал би го вратиле за рекордни 1.494 години.

Ова беше потенцирано на денешната дебата на тема „Финансиското работење на државните претпријатија под лупа” во организација на Центарот за граѓански организации.

На дебатата беа претставени и наодите од изготвената финансиска анализа на работењето на 30 најголеми претпријатија. Станува збор за претпријатија, основани од државата и од единиците на локалната самоуправа, чиишто вкупни приходи во 2018 година изнесувале 45 милијарди денари, односно 737 милиони евра и во кои на крајот од минатата година работеле вкупно 22.864 работници.

– Ова е едно од низата истражувања кои ги направивме и ги објавивме во текот на оваа година. Прво се фокусиравме на транспарентноста докажувајќи дека таа е исклучително ниска. Потоа следуваше анализата за начинот на изборот на раководните органи и констатиравме дека тој почива на силно политичко влијание. Следеше и анализата на контролите кои ги спроведува Државниот завод за ревизија констатирајќи дека тие се исклучително мали, а тоа значи дека отсуствува и надзор и контрола на овие претпријатија – рече Сабина Факиќ од Центарот за граѓански огранизации.

Со направената анализа се детектирани состојбата и успешноста во работењето на сите 30 претпријатија заедно и за секое од нив поединечно за периодот 2015 – 2018 година. Инаку ова е прва ваква анализа којашто на едно место ги има сумирано информациите за финаниското работење на претпријатија.

– Ова се претпријатија коишто формираат дури 7 проценти од БДП-то на земјата, а кои вработуваат околу 28.000 луѓе и станува збор за сериозно голем комплекс на компании. За жал, финансиските индикатори на овие компании заостануваат зад оние профитните, што значи дека е потребно подобрување во менаџирањето бидејќи прикажуваат преголеми расходи, преголем број на вработени – изјави м-р. Павле Гацов од Здружението на даночни советници.

Дел од суминараните наоди покажуваат дека во најголемите 30 претпријатија основани од државата и од локалната самоуправа за периодот од 2015-2018 година остварените вкупни приходи се намалени за 35%, остварувајќи во 2018 само 65% од масата на вкупните приходи што ги оствариле во 2015 година.

„Просечната стапка на профитабилноста за анализираните 4 години изнесува скромни 5,9 проценти, а за минатата година профитабилноста покажува извесно подобрување (6,7%). Средствата што ги поседуваат овие претпријатија со ваков профил би ги обновиле за 38 години, а вложениот капитал би го вратиле за 32 години. Во приватниот сектор времето за поврат на вложениот капитал се позиционира вообичаено на 10 години. Наплатата на побарувањата на анализираните компании претставува слаба алка на работењето и изнесува 265 дена за четирите години, односно 243 дена за 2018 година. Обврските претпријатијата ги наплаќаат во уште подолги рокови, за 514 дена просечно, односно 497 дена за минатата година. Вообичаено за бизнисот компаниите што плаќаат вака долги рокови се избегнуваат, или заради роковите на плаќање им се даваат значително повисоки цени од пазарните“, се наведува во анализата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот