Алушовски: Финалето го решија индивидуалните квалитети на играчите на Вардар 1961

Чупиќ во новата сезона ги брани боите на ППД Загреб/Фото: Денис Дуковски/РК Вардар1961

Вардар 1961 го освои Купот на Македонија за 2021 година што е 14 трофеј во витрините на најтрофејниот македонски ракометен тим.

Денеска во големото финале во салата „Автокоманда“ „црвено-црните“ предводени од тренерот Стевче Алушовски го победија Е. Пелистер со резултат 26:24.

Хрватското десно крило Иван Чупиќ (Вардар 1961) беше прогласен за најдобар играч на Ф4 турнирот, а Борко Ристовски за најдобар голман.

– Вардар е секогаш тим особено во Македонија кој се стреми кон највисоки дострели. После дуелот со Металург, кажав дека Вардар 1961 е фаворит, но знаев дека ќе биде исклучително тежок натпревар со Е. Пелистер, екипа која навистина е добра, со добар тренер. Работат навистина како треба и беше неизвесно како што видовте до самиот крај.

Го отворивме добро мечот, имавме постојана предност во првото полувреме, заврши со шест разлика. Во вториот дел имавме проблеми пред сè во нападот, во играта „6 на 5“, тоа Е. Пелистер знаеше да го казни и влеговме во неизвесна завршница во која индивидуалните квалитети на играчите на Вардар 1961 го решија натпреварот.

Можеби бевме и посреќна екипа, но сосема заслужено го освоивме Купот на Македонија. Пред нас е уште една задача, во четврток во Битола треба да одбраниме осум разлика, нема да биде лесно. Ништо не е готово, имавме четири цели пред почеток на првенството, финале на Фајнал-фор во СЕХА лигата, го остваривме Купот, се надевам дека ќе оствариме и шампионска титула. Ќе биде тешко, но ќе се подготвиме, имаме пет дена до тој меч. Ќе се регенерираме, ќе одиме на победа и во Битола, нема да одиме да браниме осум разлика – изјави по куп финалето, Алушовски.

Фото: Денис Дуковски/РК Вардар1961

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот