Алкохол, секс и Чарлс Буковски

данило коцевски

Во март годинава (2019) се навршија 25 години од смртта на американскиот писател Чарлс Буковски (1920-1994). Кога пред пет години го пишував првиот текст за Буковски, цитирав еден критичар, кој вели дека неговото дело е перманентно актуелно. Да, тоа е актуелно, но во меѓувреме се случија некои нешта кои покажуваат дека неконвенционалниот, бунтовен писател и скандал-мајстор во животот, ние можеме денес да го надминеме со нашите сопствени скандали и лудории. Неверојатно, но вистинито. И самиот Чарлс Буковски би можел да ни позавиди: не само во однос на „збогатувањето“ на неговиот жестоко неконвенционален книжевен израз, туку и во контекстот на вулгарностите што денес постојат на социјалните мрежи и комуникации. И не само на нив.

Вулгарен вокабулар

Постои речиси неверојатно изместен, безобразно-вулгарен вокабулар, одење во екстреми во рушењето на нормите, присуството на дрогата и алкохолот, на проституцијата завиткана во фината обланда на популарниот „сексизам“ и ескорт-дамите што доаѓаат од сите сфери на општеството, па и од највисоките. Дури и големиот Буковски би останал „подзинат“ на крајно вулгарното соголување на нагоните што полека стануваат препознатливост за современиот свет во кој живееме денес. Но, да му се вратиме на провокативниот Буковски.

Големиот андерграунд писател постојано ги иритираше сите: и оние што го читаа, и оние кои одбиваа да го читаат, а сепак тоа потајно го правеа. Каде започнуваше животот а каде уметноста во неговото творештво, никогаш не можеше и сè уште не може точно да се знае. А на писателот за тоа најмалку му беше грижа: сфатете го или читајте го напишаното онака како што сакате. Можеби тоа се граничи со бесмисла или со лудилото, утврдете сами. А подобро: не утврдувајте ништо и не изигрувајте длабокоумни интелектуалци, зашто ќе се најдете надвор од животот. Дури и зборовите „писател“ и „творештво“ звучат неадекватно и извештачено кога се зборува за овој автор. Некогаш или денес, сеедно.

Неговиот двојник како книжевен лик, Хенри Кинаски, ја следи биографијата на Буковски, но не бидете сигурни дека станува збор за истата личност. Двајцата се доволно неконвенционални и откачени за потполно да не наликуваат еден на друг, а истовремено да имаат заемни симпатии, љубови и постапки. Револтот треба да биде перманентен, а естаблишментот достоен за исмејување и уривање на неговата надуеност и хипокризија. Алкохолот и пиењето се бескрајни, вечни, а сцените на сексот се кратки, ефектни, брутални, па дури и животински.

Тоа Буковски го бара од Кинаски, но тој, понекогаш, изигрувајќи силен „мажјак“ испаѓа беспомошен, па дури и смешен. Сопственото его мора да биде задоволено в кревет, жената да биде „страсно“ раскината, треба да се покаже моќ и мускул, па макар и лажно. Треба да се покрие сопствената празнина. Може ли? Најчесто не може. Оттаму доаѓаат и разочарувањето, безнадежноста, талкањето низ егзистенцијалните лавиринти, а маргиналните личности стануваат централни.

Интелектуалците едноставните нешта ги комплицираат, додека уметниците, обратно, комплицираните нешта ги поедноставуваат, искажувајќи ги на разбирлив и достапен начин. Вака парафразирана би гласела една значајна мисла на Буковски. А таа би можела комплетно да се примени и врз неговото творештво. Големите егзистенцијални теми кои кај него ги има, инаку не би бил голем писател, преточени се низ еден непосреден, колоквијален јазик, репликите се концизни и непосредни како во секојдневната комуникација.

Егзистенцијални драми

И повторно се поставува прашањето: што е тука уметноста, а што живот? Конструкцијата на неговите романи и раскази нема една единствена цврста потпорна точка, таа е дисперзивна, се разгранува во повеќе насоки. Нема утврдени патишта, нема правила. Долу клишеата, долу конвенциите. Неговите главни инспирации се алкохолот, жената и сексот, но внимавајте, зад сето тоа се кријат невидени егзистенцијални драми и ломови.

Со својот алкохолизам, но и со описите на сексуалниот чин во романите, тој постојано предизвикувал скандали. Директен, брутален, вулгарен во описите, тоа се само некои од коментарите. Сепак, може да се каже дека тие описи во прозата на Буковски се еден вид „обланда“ што нема доминантна функција, тоа се секвенци со чие често и брзо повторување се укажува на значењето на сексот во еден празен, емоционално соголен свет кој бара покритие за своите порази и за своите апсурди. Буковски нема директна врска со битниците, но според своето творештво духовно им е близок, а се смета дека неговото дело е особено значајно за нив. Тоа го истакнува и Ален Гинзберг во некои свои изјави. Тука спаѓа и славната четворка блиска до битниците. Тоа се „прекрасните губитници“, Хуберт Селби, Чарлс Буковски и таткото и синот, Џон и Дан Фанте.

Може слободно да се каже дека 25 години по смртта на Буковски, тој делува веќе како „стариот добар боем“ и модерен класик во однос на новите екстреми, претерувања и вулгарности кои ги има насекаде околу нас. Дали тие ќе произведат некој нов разурнувач и „откачен“ класик на 21 век, или опасно ќе нè влечат кон опачините на светот, останува да се види.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот