Алкараз го исфрли Надал, а сега ќе игра против Ѓоковиќ

фото: EPA-EFE/Emilio Naranjo

Во дуелот на двајцата најдобри шпански тенисери, победата денеска во Мадрид ја однесе далеку помладиот Карлос Алкараз, кој продолжува да прави големи чекори кон нов трофеј, но и на самиот врв на АТП листата.

На младиот Алкараз му предвидуваат голема тениска кариера, прашање на време е само кога ќе почне да победува на Грен слем турнирите.

Во четвртфиналето на турнирот од Мастерс серијата, Алкараз го елиминираше најтрофејниот Грен слем играч, славниот Рафаел Надал со 2:1, по сетови 6:2, 1:6, 6:3!

Ова им беше трет меѓусебен меч, Надал ги доби првите два – во Мадрид лани и Индијан Велс сезонава, а денеска Алкараз оствари историски триумф за него, прв против легендарниот сонародник.

Во исто време, ова е веројатно најдобриот начин Алкараз да го прослави својот 19 роденден.

Она што е најинтересно во целата приказна е тоа што Алкараз во полуфиналето ќе се сретне со првиот тенисер во светот, Србинот Новак Ѓоковиќ, кој претходно денеска убедливо го совлада Хуберт Хуркач.

Ова ќе биде прв меч меѓу Ѓоковиќ и Алкараз, а ќе биде многу интересно да се види каде е суперталентираниот Шпанец денес во однос на најдобриот играч на светот.

Втората полуфинална пресметка на турнирот во Мадрид ќе се формира после одигрувањето на четвртфиналните мечеви Рубљов – Циципас и Оже Алијасим – Зверев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот