Активни пожари во Скопско и Демиркаписко, локализирни во Дивље и Виница

Противпожарно возило / Фото: МИА

Сѐ уште е активен пожарот во скопската општина Сарај, над селата Буковиќ и Раовиќ, на планинската страна Осој. Се работи за непристапен терен, каде се дејствува со два хеликоптери на Армијата за да се изгасне. Се уште е активен и пожарот кај Барово, во Неготино, Демир Капија. Гори сува трева и нискостеблеста шума на тешко пристапен терен. Интервенираат противпожарни возила, комуналното претпријатие и припадници на Шумското стопанство.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека е локализиран пожарот во село Дивље, во скопската општина Петровец. Од ЦУК информираат дека добиле инфорамции од Шумско стопанство „Караџица” дека локалната самоуправа прави се и оти овој пожар е локализиран.

Територијалната противпожарна единица Виница информира дека пожарот на градската депонија е локализиран, но се уште тлее. Јавното комунално претпријатие „Солидарност” е во постојана контрола на депонијата.

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов на прес-конференција посочи дека пожарот што повеќе дена гори во Општина Сарај е специфичен, поради тоа што откако ќе го изгаснат, подземно продолжуваат да горат корењата на дрвјата за на одредени места потоа повторно да избие пламен.

– Во текот на вчерашниот ден десет припадници на полициската специјална единица, придружени со француските инструктори се спуштија од врвот на планината каде што горел овој пожар кон дното, при што рачно ги изгаснаа сите оние жешки точки кои беа видливи. Претходно теренот го надлетавме со хеликоптери и беа детектирани овие точки, но по нивното симнување долу, повторно забележавме чад на неколку места за со паѓањето на ноќта, повторно се развие пожар на една точка, рече Ангелов.

Токму од тие причини, како што рече, за утре се договорени 30 припадници на Специјалната единица со соодветна опрема заедно придружувани со француските експерти, но и со четворица Французи кои работат со специјални дронови за пожари со трермални камери кои можат да го откријат и огнот кој што е под земја, со цел да се најдат овие жешки точки кои се невидливи од хеликоптер.

– Инаку, во овој момент и од рано утрово на оваа позиција дејствуваат два хеликоптери кои верувам дека повторно ќе успеат да го изгаснат пожарот, но пак очекуваме да се појави истиот проблем односно повторно да избие пожар, додаде тој.

Ангелов посочи дека денеска извршено е извидување и на пожарот во Демиркаписко, во кој што активно учествуваат припадници на Национални шуми и противпожарните служби кои се обидуваат да го изгаснат, но, како што рече, самиот терен е тежок бидејќи пожарот гори. Едната жешка точка е во еден дол, каде што е многу тешко пристапен, но според Ангелов, овој пожар не претставува опасност за ниедно населено место и во овој момент не може да се рашири неконтролирано.

Извор: МИА

Видео на денот