Ако сте вие МАКРОН, ние не сме МИКРОН – Слободен печат
Ви ПрепорачувамеКолумни

Ако сте вие МАКРОН, ние не сме МИКРОН

Не сакам да мислам како многумина скептици досега, а уште повеќе одсега дека за вас ние сме само дел од пругата Ориент експрес. Некои смрдени, затуцани простаци од попатните станици на луксузниот воз Европа, кои се тука само за да ви ги задоволат суетите на исчезнати благородници. И таму треба да останеме, подалеку од Вас за да не ве умирисаме со нашата простодушност.

Господине Макрон, за кого всушност работите вие! За кого се грижите, за Франција или за Европа. За Македонија сигурно, не. Но ви велам, ако „падне“ Македонија, ќе „падне“ и Европа. Ве уверувам. Ниту Европа ќе ја ревидирате за половина година, ниту ние ќе промениме нешто што вие како нова задача ни го поставувате. Тоа Вие како амбициозен лидер на промените на политиките на Унијата треба да го знаете. Велите, имате добри намери. Па и патот до пеколот е поплочен со добри намери. Со тоа што ја затворате вратата на Европската Унија за Македонија, вие ја отворате кутијата на балканската Пандора.

Кога оттаму ќе излезат сите зла за кои сте учеле, или само сте слушнале, не е можно а да не ве спопаднат и Вас. И колку што можам да забележам тоа сите останати околу вас го гледаат, освен вие во вашата заслепеност од улогата на ревизор што самите си ја доделивте, без никого да прашате. Вие сакате да одлучувате во името на сите останати ваши со-европејци. Со сета почит господине Макрон, но вие преку ноќ како да сакате да го оправдате името што го носите, да стенете Голем. Charl Le Magne! Нема потреба од тоа Monsieur Макрон! Па Франција е доволно голема. А вие ако сте МАКРОН, не значи дека НИЕ сме МИКРОН.

Па вие едноставно ја „бушите“ Македонија со вашата тврдоглавост која се ми се чини во останатите земји се доживува како колебливост.

Оваа мала земја стана Северна заради вас. И направи се како што рековте – заради нас. И пак не било доволно. Повторно сакате да си го чистите сопствениот двор, а сметот да го оставите пред наша врата.
Господине Макрон вие им плукате в лице на сите други европски лидери и на нивните Парламенти кои мудро искажаа доверба на процесот на интегрирање на оваа земја во Унијата. И на сите евро пратеници, комесари и експерти кои сесрдно се залагаа сите овие години да не придвижат напред, додека вие бевте незаинтересиран за она што се случува надвор од вашиот двор. Се додека не дојдовте на тука на ридестиот Балкан за да се колнете на вечно пријателство.

Но знаете што, народот овде научил да сака но и да мрази кога ќе го изневерат.

Ако Македонија не го добие сега ветеното, кој на овој недоверлив Балкан ќе ви верува. Што си вели сега Вучиќ: „Ови бре лажу док зину. Па овај бре се клео на вечно другарство, усред Београда говорио српски и за срце се држао само да предам Косово. Али види ти њега превео је Македонце, превешќе и мене“.
И не само Македонија. Вие mon ami како да сакате да го пикнете целиов Балкан назад во шупа, кај Гиго! Од мувлата во која со децении чмаеме и од кај што се обидуваме едвај да излезема на свеж воздух.

Не сакам да мислам како многумина скептици досега, а уште повеќе од сега, дека за вас ние сме само дел од пругата Ориент експрес. Некои смрдени, затуцани простаци од попатните станици на луксузниот воз Европа, кои се тука само за да ви ги задоволат суетите на исчезнати благородници. И таму треба да останеме, подалеку од Вас за да не ве умирисаме со нашата простодушност.

Но да знаете и ние коњ за трки имаме. Балканот не би бил „буре барут“ ако бил некаде зафрлен на седмиот колосек во некоја вукојебина. Не, тој е тука во Европа. И тука проаѓаат многу патишта по кои оделе и добронамерници, но и воини и освојувачи и бегалци завеани од виорот на војните во Блискиот исток и подалеку.

Балканот е вратата кон Вашата Европа господине Макрон. И треба да ја чувате внатре.

Но веројатно „немате време“ за такви глобални размисли обземен од „големите мисли“ за мали промени во вашиот мал свет низ кој се движите.

Има време, ќе „пораснете“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close