Ако нема претставник, ќе „нема“ ни предлози од ВМРО-ДПМНЕ

Собрание / Фото Слободен печат / Драган Митрески

Стручњаците ќе ги разгледуваат само предлозите што партиите официјално ќе им ги достават, а не барања претставени на прес-конференции, велат високи функционери од владејачките СДСМ и ДУИ

Стокмен е експертскиот тим што ќе ги пишува уставните амандмани за влез на Бугарите и на другите заедници во Уставот, односно во Преамбулата, дознава неофицијално „Слободен печат“. Стручњаците ќе ги разгледуваат само предлозите што партиите официјално ќе им ги достават, а не барања претставени на прес-конференции, велат високи функционери од владејачките СДСМ и ДУИ. Тоа значи дека, ако опозициската ВМРО-ДПМНЕ одбие да учествува во работната група, тие нема да го разгледуваат нејзиниот предлог македонскиот Устав да се уреди според хрватскиот, односно Македонија да биде држава на Македонците и на малцинствата во неа.

Во експертскиот тим, неофицијално, ќе бидат професорката по уставно право и поранешна министерка за правда Рената Дескоска, академикот Владо Камбовски, поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур Маргарита Цаца Николовска, професорката по уставно право Беса Арифи и Александар Спасов, советник по уставни прашања од Кабинетот на шефот на државата Стево Пендаровски. Професорот по уставно право Светомир Шкариќ ќе биде ангажиран како дополнителен „филтер“, а составот се очекува да се официјализира до средината месецов.

Во меѓувреме, партиите наголемо лицитираат со предлози за измени на Уставот. Откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека е подготвен да учествува во прекројување на Уставот според хрватскиот модел, портпаролката на партијата Марија Митева вчера повтори дека со тој модел Македонија ќе биде држава на македонскиот народ и на малцинствата во неа. Наместо одговор дали ќе делегираат свој претставник во работното тело таа ја повика Владата да одговори дали прифаќа предвремени парламентарни избори и дали се согласува со „хрватскиот“ предлог.

– Ова би биле суштински промени што Македонија би ги направила со промената на Уставот каде што националниот карактер на државата би го надминал мултиетничкиот. ВМРО-ДПМНЕ бара доколку се прифати Македонија од мултиетничка да стане национална држава, тогаш да се впишат сите малцинства регистрирани во согласност со последниот попис. СДС и ДУИ не би требало да имаат против Устав на земја членка на ЕУ, што го користеа како најсоодветен пример што Македонија треба да го примени – рече Митева.

Висок функционер од СДСМ брифира дека експертската група нема да разгледува вака „доставени“ предлози.

– Нека делегираат свој претставник и нека го достават предлогот, во спротивно работното тело нема што да разгледува – вели функционерот.

Од СДСМ и од ДУИ брифираат дека сега суштински битно за државата е измена на Уставот за впишување на Бугарите во Преамбулата, со цел земјава да може да ги продолжи преговорите со ЕУ.

– Не треба целиот процес дополнително да се комплицира со нови барања, бидејќи сега е моментот да се гледа државниот интерес. Не е најбитно ни дали ќе се менува формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“. Ако се инсистира на други барања, тоа е само политички маркетинг што не е во интерес на државата – велат функционери од власта.

Но, владејачката Алијанса за Албанците смета дека замената на „20 отсто“ со  „албански јазик“ во Уставот треба да се случи сега и дека сите партии што ќе учествуваат во оваа промена ќе бидат запишани во историјата како демократски и европски партии. И Беса веќе пратила до Министерството за правда предлог при промената на Уставот да биде наведен албанскиот јазик наместо формулацијата 20 отсто. Опозициската Алтернатива, пак, предлага Македонија да се дефинира како „држава на македонската нација, албанската нација и на другите етнички заедници“. Или Македонија да се дефинира како „држава на нејзините граѓани“, отстранувајќи ги сите етнички атрибути.

Министерот за правда Кренар Лога неодамна на брифинг со новинарите рече дека приоритет за уставните измени е Преамбулата, во делот на вметнување на помалите заедници, но и дека се размислува и за други измени на Уставот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот