Акција „Душа“: Уапсен првиот човек на албанската антимафија, полицијата заплени имот од милион евра и шест тони дрога

Полициско возило на Албанија / Фото: МИА

Запленет имот вреден милиони евра, ресторани, хотели, супермаркети , четири компании, градежно земјиште и притворени 38 лица е билансот од големата акција „Душа” финализирана денеска во утринските часови од страна на албанското специјално обвинителство (СПАК) во соработка со италијанската полиција во четири земји – Албанија, Италија, Црна Гора и Шпанија, јави дописничката на МИА од Тирана.

– Денеска е запленет голем имот, главно во градовите Валона, Каваја, Тирана, Тепелена, Ѓирокастро и Скрапар. Има 11 недвижнини, ресторани, хотели, супермаркети, градежно земјиште, четири компании со нивните средства и некои други имоти во вредност од над 3 милиони евра. Документирано е дека тие се стекнати директно како резултат на приходите од криминални активности. Во текот на истрагата во четирите земји запленети се шест тони наркотични средства, во вредност од 55 милиони евра, изјави Владимир Мара од СПАК.

Според него, за време на истрагата идентификувани се бројни обиди на трговија со наркотици, од Албанија до италијанскиот брег и проширување на повеќе градови во Италија и други европски земји, главно канабис, хероин, кокаин и други супстанци. За време на истрагата издадени биле мерки за безбедност за повеќе од 80 лица.

Денеска уапсените 28 албански државјани биле дел од четири моќни криминални групи. Меѓу нив се обвинител, полициски функционери, како и две лица од обезбедувањето на поранешниот министер за внатрешни работи Саимир Тахири, кому му се судеше за вмешаност во недозволена трговија со дрога.

Директно инволвиран во трговијата со дрога, дури се смета за главен организатор, бил Илирјан Бала, прв човек на секторот за борба против недозволена трговија со наркотици, кому му е изречена мерка домашен притвор исто како и на обвинителот од Валона, Максим Сото.

Директорот на државната полиција Арди Велиу рече дека во акцијата биле вклучени над 200 полициски службеници, како и припадници на специјалната единица „Ренеа” и единицата за брза интервенција.

Во Тирана денеска престојуваа високи претставници на италијанската антимафија.

Голема меѓународна акција: Уапсени 38 лица откако беше разбиена нарко мрежа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот