Историски договор меѓу САД, Велика Британија и Австралија: Воен пакт за скротување на растечката моќ на Кина

Фото: EPA-EFE/Oliver Contreras / POOL

Новото партнерство беше објавено на виртуелната конференција, на која присуствуваа претседателот на САД Џо Бајден, како и премиерите на Велика Британија и на Австралија, Борис Џонсон, односно Скот Морисон. Иако тројцата лидери не ја спомнаа Кина директно, сепак тие подвлекоа дека соработката на воен план се должи на тоа што опасностите по регионалната безбедност растат со голема брзина.

Договор за интензивна воена соработка и заедничко делување во Азиско-пацифичкиот регион е постигнат меѓу САД, Велика Британија и Австралија. Пактот на трите земји предизвика лавина реакции во светот, а најпогодени беа претставниците на НР Кина, кои потенцираа дека договорот на трите земји е екстремно неодговорен.

– Пактот на САД, Велика Британија и Австралија сериозно го поткопува регионалниот мир и стабилност и ја интензивира трката во вооружување. Овие земји покажуваа менталитет од ерата на студената војна, а нивните челници се водени од идеолошки предрасуди – изјави министерот за надворешни работи на Кина, Жао Лиџијан.

Новото партнерство беше објавено на виртуелната конференција, на која присуствуваа претседателот на САД Џо Бајден, како и премиерите на Велика Британија и на Австралија, Борис Џонсон, односно Скот Морисон. Иако тројцата лидери не ја спомнаа Кина директно, сепак тие подвлекоа дека соработката на воен план се должи на тоа што опасностите по регионалната безбедност растат со голема брзина.

Говорејќи за Би-би-си, британскиот министер за одбрана Бен Валас посочи дека кинескиот буџет за одбрана е еден од најголемите во историјата.

– Кина ја зголемува својата морнарица, а огромен раст е забележан во капацитетите на авијацијата. Очигледно е како кинеската војска е активно инволвирана во спорни области, а нашите партнери во регионот посакуваат да имаат можност да се спротивстават на тоа. Инаку, новото партнерство не е резултат на тоа дека ние посакуваме антагонизација на односите со која било друга земја – изјави Валас.

Регион исполнет со тензии

Во последните години официјален Пекинг е константно обвинуван за кревање на тензиите во спорните територии на Јужното Кинеско Море. Договорот за соработка меѓу САД, Велика Британија и Австралија, кој е познат и како „Аукус“, е најзначајната воена алијанса помеѓу трите нации уште од времето на Втората светска војна.

„Аукус“ ќе дејствува независно од разузнавачката коалиција „Пет пара очи“, во која покрај овие три земји членуваат уште и Канада и Нов Зеланд.

– Ова е историска можност  за трите нации, кои се истомислечки сојузници и партнери, за да ги заштитат заедничките вредности и да промовираат безбедност и просперитет во регионот на Пацификот – беше истакнато во заедничкото соопштение на трите лидери.

Многу аналитичари сметаат дека пактот претставува демонстрација на сила во правец на Кина.

– Трите нации повлекоа линија во песокот, започнувајќи противудар против агресивното однесување на Кина во регионот – вели австралискиот експерт за геополитика Ги Букенстејн.

Западните земји долго време се загрижени од изградбата на вештачките острови од страна на кинеската армија во водите на Јужното Кинеско Море, а големи проблеми во меѓународните односи претставуваа и трговските бариери што кинеската влада ги воспостави во размената со Австралија.

Австралиските власти долго време уживаа добри и плодоносни релации со Кина, за која едно време беа и најголем трговски партнер. Но, добрите релации запреа со кревањето на политичките тензии.

Австралија ќе добие подморници на нуклеарен погон

Со пактот за соработка е предвидено интензивно разменување разузнавачки податоци, помош при развивање разни типови оружја и орудија, борба против кибернапади и имплементација на напредни софтвери за безбедност. Сепак, тоа што може да донесе до одредена промена на односот на силите на теренот е што Австралија ќе добие американска помош за изработка на подморници на нуклеарен погон.

Подморниците ќе бидат вооружени со конвенционално оружје, но ќе работат на нуклеарна енергија, што австралиската морнарица ќе ја направи многу покомпетентна во односите со Кина. Овој тип подморници се многу побрзи, поубиствени и можат да носат поголем арсенал од оние придвижувани на дизелски мотори.

Договорот ќе значи и дека првпат по 50 години, САД ќе ја сподели својата технологија за подморници на нуклеарен погон со друга земја. Последен пат Американците тоа го сторија во односите со Велика Британија.

Инаку, Австралија во догледно време ќе стане седмата нација која поседува ваков тип подморници, по САД, Русија, Велика Британија, Франција, Кина и Индија.

Воедно, Австралијците се обврзаа дека во иднина нема да развиваат нуклеарно оружје, туку дека во одбранбените капацитети и натаму ќе се користат исклучиво конвенционални системи.

Нож во грбот на Франција

Пактот меѓу Австралија, САД и Велика Британија воедно предизвика и голем раздор во односите со другите сојузници.

Фактот дека Австралија своите подморници ќе ги прави во соработка со САД, тоа автоматски предизвика раскинување на договорот со Франција, од каде што требаше да пристигнат 12 подморници со вкупна вредност од 31 милијарда евра.

– Ова е нож во грбот. Ние постигнавме однос исполнет со доверба во односите со Австралија. Но довербата е измамена – изјави Жан-Ив Ле Дријан, министер за надворешни работи на Франција.

Студена реакција дојде и од Нов Зеланд, од каде што порачаа дека нема да дадат дозвола за маршрутите на новите подморници на Австралија во територијалните води на земјата. Премиерката на Нов Зеланд Џасинда Арден потврди за јавноста, дека од Нов Зеланд не било побарано да се приклучи на новоформираното партнерство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот