Жителите на Дебар Маало потпишуваат петиција за дислокација на Summerland, им смета гласната музика до доцна во ноќта – Слободен печат
ВестиСкопје

Жителите на Дебар Маало потпишуваат петиција за дислокација на Summerland, им смета гласната музика до доцна во ноќта

Секојдневните забави во Градски парк им пречат на жителите на Дебар Маало.

Скопје Summerland 2019, кој започна на четврти јули, а ќе трае до 28-ми, не им дава мир на жителите на Дебар Маало во периодот од 18 часот попладне до полноќ, кога завршуваат музичките изведби. Револтирани од постојаната бучава на која се изложени, бараат од Град Скопје да го дислоцира фестивалот. Во петицијата  на граѓаните, објавена на Фејсбук страната, „Во одбрана на Дебар Маало“ се вели дека од гласната музика најмногу страдаат бебињата и највозрасната популација која живее во најстарата населба во Скопје, која како што велат во писмото, некогаш била најмирното место во градот.

„Со Summerland осудени сме да бидеме жртви на звучно загадување секој ден од 17 часот до 00:30 часот. Ова е многу сериозно што треба дебармаалци да го поднесуваат секојдневно. Бараме да се врати бар малку од малку мирот во Дебар Маало и Summerland да биде дислоциран. Моето семејство и јас сериозно размислуваме да си заминеме од местото кое нашите предци го граделе со љубов за да ни го остават. Како и многу дебармаалци што веќе си заминаа“, се вели меѓу другото во реакцијата на граѓаните.

Со цел да дознаеме дали официјално барање за дислокација е доставено до организаторот на фестивалот, Градот Скопје, се обративме до прес службата на градоначалникот Петре Шилегов. Од таму не информираат дека досега кај нив нема пристигнато официјално барање или поплака за одржувањето на забавно-културната програма која што се одржува во Градски парк. Дополнително, од Градот велат дека самите манифестации се одржуваат на сцената на Школка, која што е доволно оддалечена од станбените објекти, и нагласуваат дека се почитуваат сите прописи, при што не се пречекорува гласноста на музиката како и времето на нивното организирање.

Фестивалската забава продолжува и денеска со хип хоп сет на Дј Мац, а утре во рамки на фестивалот за првпат во Скопје ќе биде организирана и голема дружба со миленици, која има за цел да ги едуцира граѓаните околу вдомувањето и чување на миленик, но и да се помогне на бездомните животни. Секој кој сака да донира, во соработка со Нула Отпад, може да донесе празни батерии и ситен електронски отпад. За да бидеме општествено одговорни и да ја чуваме околината, наместо со пари, на одреден дел од штандовите со празни батерии ќе може да се купи и пијалок.

Во наредните денови, на Школка ќе се игра и првата хип хоп претстава во регионот „Црнила Ремикс”, а во летното кино на отворено, во соработка со МКЦ, граѓаните ќе може да ги погледнат македонските наградувани филмови „Господ постои, името и е Петрунија” и „Џган”. Следуваат и настапите на Амон Мра, Летечки Пекинезери, проектот The Music Room, Културно Уметнички Работници, а во сабота гостува легендарната сараевска група „Црвена Јабука” и еден од најдобрите вокали во регионот- Дражен Жериќ Жера.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close