Жените почесто заминуваат на гурбет, а мажите го чуваат домашното огниште

Жени работнички / Фото Илустрација Jemastock / Alamy / Alamy / Profimedia

Во 2009 година учеството на жените мигрантки било 45,6, а во 2019 – 47,9 отсто, но упатените велат дека бројките сега се уште поголеми во корист на женската миграција

Сè повеќе наши сограѓанки заминуваат да работат во странство. Зад себе ги оставаат мажите и децата, нивната печалба трае и подолго време, а во земјата се враќаат само еднаш годишно за со заработените пари да го поткрепат семејниот буџет – да вратат долгови, да го реновираат домот, да купат автомобил и да ги пратат своите чеда на студии надвор од земјата.

Експертите велат дека новиот печалбарски тренд се должи и промените на меѓународниот пазар на трудот. Па ако некогаш главно се заработуваше како градежен работник во странство и тоа беше резервирано за мажите, сега се бараат кадри од здравството и социјалната нега, во туризмот и угостителството, што претпоставува женска работна сила. Овие констатации се читаат и во публикацијата „Миграциите во Република Северна Македонија: Профил на земјата 2021“ на Државниот завод за статистика, каде стои дека во однос на структурата според полот забележлив е пораст на бројот и уделот на жените во миграцискиот контингент.

– Тоа го потврдуваат податоците на Евростат за промените во бројот на мажите и жените во бројот на мажите и жените во периодот 2009-2019 година. Имено, бројот на мажите во европските земји на прием се зголеми за 25,1 проценти, а на жените за 37,1 проценти. Ваквиот пораст резултираше со пораст на учеството на жените од 45,6 проценти (2009) на 47,9 проценти (2019 година) – обелоденува публикацијата.

Од агенциите за вработувања признаваат дека сè повеќе жени заминуваат на работа во странство и тоа не само сезонски, туку и на подолг период. Работата е главно во угостителството. Дури и не избираат, се прифаќаат како рецепционерки, готвачки, шефови на ресторани, собарки, хигиеничарки, а масовно заминуваат и искусни медицински сестри, социјални работнички, негувателки и тукушто дипломирани, но и лекарки што доскоро имале свои ординации.

– Жените и помлади и постари се осамостоени, сакаат економска независност што не можат да ја постигнат во земјава. Некои се решаваат на овој чекор иако имаат мали деца, па дури и бебиња, кои ги оставаат на грижата на сопругот и на бабите и дедовците. Семејството веќе не им е пречка за да одат на печалба. Голем дел од нив не се само сезонски работници, туку се трудат да најдат подолгорочна работа за да го повлечат семејството – велат во една скопска агенција.

– Работев во Скопје, но работното место ми беше несигурно и слабо платено. Со сопругот се мачевме, па заминав во Шведска, а сега сум во Германија и откако најавија дека ќе го олеснат престојот за странци, останувам со надеж дека ќе си го повлечам семејството. Веќе пет години сум надвор, не е лесно. Живеам сама и плаќам повисока кирија. Практично сите странци сме како во гето. Еднаш годишно се враќам дома, па заработеното го трошам за да го подобрам животниот стандард – раскажува една наша сограѓанка.

Валентина Дисовска, претседателка на Националната платформа за женско претприемништво, за „Слободен печат“ вели дека жените заминуваат не само поради печалба, туку и поради несредените услови во земјава.

– Жената веќе одамна не е само мајка, домаќинка и сопруга, а во последниве години и печалбарка. Не се само финансиите проблем за да се замине од земјава, туку и условите во кои живееме. Ако некој мисли дека ова е лесна ситуација, се лаже. Знаете ли што значи да се остави дете на подолг период. Само мајките знаат како им е, но мора да се снаоѓаат. Точно е дека печалбарството некогаш беше машка работа, но сега се сменети условите на меѓународниот пазар на трудот, па сè повеќе се бара женската работа рака – поентира Дисовска.

Печалбарскиот е леб со „седум корки“

Печалбарството при крајот на 19-тиот и почетокот на 20 век станало масовна појава и еден од најсилните докази за неподносливата состојба, особено во македонските села. Селаните масовно ја напуштале Македонија и оделе во Солун, Цариград, Смирна, Скадар и надвор од границите на Турција во соседните земји: Србија, Грција, Бугарија и Романија, а понекогаш и во Австроунгарија, Франција и Египет. Така, по неколку илјади од Леринско, Преспа и Костурско секоја година оделе во Цариград и Смирна; од Струшко и Битолско најчесто се упатувале за Скадар; од прилепските села и од градот оделе во Србија и Бугарија; од Охрид и околината оделе во Србија, Бугарија и Романија, а голем број печалбари имало од Велешко, Кичевско, Демирхисарско и Тетовско. По некое непишано правило, печалбарите се враќале дома по неколку години и со спечалените пари најчесто купувале имот, напишал Славе Николовски – Катин.

Младите работници заминаа, стари останаа дома

Според податоците на Евростат, бројот на граѓаните на Северна Македонија на работоспособна возраст (15-64 години) во европските земји на прием се зголемил од 200.158 (2015) на 219.438 лица (2020 година). Во овој контекст треба да се има предвид и влијанието на емиграцијата врз порастот на коефициентот на старосната зависност на старите, кој го покажува балансот помеѓу постарото население и работоспособниот контингент. Работоспособното население во странство е помладо од тоа во земјата, а тоа имплицира поголема оптовареност на пензискиот систем заснован на уплатени придонеси и зголемен притисок врз јавните финансии, објаснуваат експертите од ДЗС.

– Големиот одлив на работоспособно население од земјата го зголеми недостигот од работна сила, посебно од одредени профили. Анализата на потребите од вештини на Агенцијата за вработување покажува дека на пазарот на трудот континуирано недостига работна сила со високо образование од одредени профили (програмери, машински и градежни инженери, лекари, информатичари, технолози итн.), како и на работници со средно стручно образование (машински, градежни и електротехничари, медицински сестри, заварувачи, лимари, оператори со градежни машини и сл.) – стои во анализата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот