Земјоделските домаќинства имаат повеќе пари од неземјоделските

Во 2019 година, едно домаќинство на годишно ниво во просек имало по 451.359 денари за трошење. Притоа, најмногу пари имале мешовитите домаќинства кои се занимавале и со земјоделство и со некоја друга дејност, односно тие на годишно ниво располагале со 592.694 денари, потоа биле само чисто земјоделските домаќинства со 512.588 денари, а најмалку средства имале неземјоделските домаќинства – 419.595 денари.

Во овие износи не влегуваат само паричните средства, туку и вредноста на натуралната потрошувачка, односно она што за себе си го произведувале и трошеле семејствата. Но, и ако се земат предвид само готовите пари со кои располагале семејствата, ситуацијата е иста – најмногу односно 566.440 денари годишно имале мешовитите домаќинства, потоа со паричен приход од 420.297 денари годишно биле земјоделските домаќинства, и на крај со нешто помал паричен износ од 419.595 денари биле неземјоделските домаќинства.

Претседателот на здружението „Агросојуз“ – Струмица,  Ристо Велков вели дека младите не се заинтересирани за земјоделството, иако нема подобро од тоа да се биде сам свој газда.

– Просечната старост на земјоделците е повеќе од 50 години. Кај младите нема интерес, иако е најдобро да си бидеш сам свој газда и да не работиш за друг. Но, сметам дека за тоа е виновна државата, односно земјоделските политики што се спроведуваат – вели Велков.

Велков вели дека освен со зелката и со грозјето, земјоделците годинава добро ја поминале сезоната во однос на постигнатите цени, а и пласманот бил добар.

– Тоа што имаше добри цени е и резултат на тоа што има сѐ помалку земјоделско производство, односно сѐ помалку површини се засадени со земјоделски култури. Исклучок е токму зелката. Таа има помали трошоци и земјоделците се ориентира на садење поголеми површини со зелка – вели Велков.

Податоците од „Статистичкиот годишник 2020“ покажуваат дека во Македонија има 1,3 милиони хектари земјоделско земјиште, а дека обработлива површина е 520 илјади хектари, од кои се засеани 277 илјади хектари и тоа: 160 илјади хектари со житни култури, 22 илјади со индустриски, градинарски со 53 илјади и 42 илјади хектари со фуражни растенија.

Податоците покажуваат дека од 2015 година има благо зголемување на засадени површини и производство на пченица, пченка, јачмен, ’рж и овес, а значително намалување на површините под ориз. Производството на сончоглед во однос на периодот пред 25 години е трипати намалено, а драстично намалување има и кај јајцата – од 513 милиони парчиња во 1993 година на 141 милиони во 2019 година. Вкупното производство на месо минатата година било 26 илјади тони, а во 1993 година, откога во Годишникот има евидентирани вредности, тоа изнесувало 34 илјади тони. Значително подобрување е забележано кај производството на кравјо млеко. Во 1993 година биле произведени 119 милиони литри, а во 2019 година – 390 милиони литри кравјо млеко.

Анкета: 60 отсто од руралните жени рекле дека немаат пензиско осигурување

Само 38 отсто од жените во руралните средини се сметаат за економски активни, а околу 22 проценти од семејните земјоделски стопанства се регистрирани на жени или минимални 38.328 од вкупно 175.088. Жените во руралните средини просечно работат по околу 11 часа на ден. Притоа, 42 отсто од оваа нивна работа е неплатена.

Ова го покажа најновото истражување на Рурална коалиција спроведено на 347 жени од Североисточниот и од Полошкиот плански регион.

– Дури 73 отсто од испитаничките вклучени во истражувањето немаат имот на свое име, а само 39 проценти земаат субвенции. Една од основните причини зошто жената не може да се вработи или да основа сопствен бизнис е тоа што нема каде да ги згрижи децата за да може да работи, велат 64 отсто од испитаничките. Нема градинки или други можности за чување на децата во руралните средини или во близина, родителите работат, па целиот товар паѓа на жената – рече директорката на Рурална коалиција, Лилјана Јоноски.

Вкупно 60 отсто од жените во истражувањето немаат сопствено здравствено и пензиско осигурување иако активно придонесуваат во работата и во економските приходи во домаќинството.

Половина од испитаничките, или 53 отсто, немаат информација дека постои мерката неповратен грант за земјоделки до 3.000 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот